(АУДИО) СДСМ: Монструозни насилства од Груевски и соработниците

zaev

– Добро слушнавте. Ова не е на Дивиот Запад, ова е во Република Македонија. Човекот кој зборува не е каубоец од филмовите, тоа е братучедот на Никола Груевски, 9 години директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Калашњиковите и истрелите се и од оружје на државните безбедносни сили на Република Македонија, злоупотребено во рацете на паравоените структури што вежбаат, се обучуваат и хараат низ земјата, под команда на Сашо Мијалков, за целите на Никола Груевски – рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес конференција.

Како се чувствувате? Безбедно? Сигурно? Мирно, во својата земја? Си помислувавте некогаш дека ќе живеете во ваква Македонија, претворена во приватен пашалук, од аздисаност до бесвест?

 

Почитувани граѓани,

 

Проектот Вистината за Македонија откри многу вистини, почувствувани и непочувствувани, знаени и незнаени, откри многу лица, вистински и лажни. Предизвикаа тие вистини и гадење и презир и запрепастеност, до каде тоа отишле Груевски, Мијалков и нивните блиски соработници во забеганоста по пари и моќ, за лични интереси.

 

Но овде веќе не станува збор за задоволувања лични интереси на поединци.

 

Овде станува збор за загрозување на безбедноста, сигурноста, спокојот на граѓаните кои живеат во земјава. Од аудио снимките во продолжение ќе имате можност да слушнете дека под власта на Груевски и Мијалков загрозена е и стабилноста на нашата држава.

Ветивме дека ќе одиме со вистината до крај. Колку и да е болна, колку и да изгледа црна, вистината не може да нанесе зло. Вистината може само да ослободи од злото. Тоа е нашата цел. Тоа сите го заслужуваме.

 

На денешната прес конференција ќе осветлиме уште една тешка вистина. Имаме морална обврска да го сториме тоа. Немаме право да им ги криеме лицата на оние кои се насилни од хир, насилни поради нетрпение кон политички противници, на оние кои мразат од нетрпеливост поради секаков вид припадност, на заговарачите на сценарија, на убијците на нашата заедничка иднина. Жртви овде се сите и “нивни“ и “наши“ и “ваши“…, секој еден граѓанин во земјава.

 

Ќе слушнете и ќе стане јасно колку навистина е сериозна ситуацијата во Македонија, дека си имаме работа со непресметливи луѓе во безбедносните служби и во власта на Груевски и дека тие се сериозна закана и за професионалците во полицијата и за безбедноста на граѓаните, независно од различностите по која било основа.

 

Во прес конференцијата за убиството на Мартин Нешковски слушнавте дека зад суровата трагедија на младото момче стоел лично шефот на обезбедувањето на Никола Груевски, познат под прекарот Урко. Тој човек командувал и со полициски и со параполициски сили, со знаење на Груевски, Мијалков и Јанкулоска.

 

Во првиот сет разговори за денеска ќе слушнете колку и какви “урковци“ имаат ставено меѓу чесните професионалци во безбедносните служби, ќе слушнете за недозволивите скандали што овие личности ги провоцираат во специјалните единици и за уште поскандалозниот факт дека не се знае кој командува со полицијата.

 

-Така од разговорот на Мартин Протогер со Гордана Јанкулоска ќе слушнете како “оригиналниот“ Урко, “скршил од ќутек“ замислете, 20 припадници на специјалната единица “Волци“, среде центар во Скопје!

 

-Друг “урковец“ не само што шверцувал цистерни нафта за училишта, туку насила изнудувал да му биде потпишано дека училиштето примило 3 или 5 тони нафта за греење, иако тој испорачал само 1 тон – ова и го доверува Протогер на Јанкулоска.

 

-А како што Груевски си го имал Урко, така Мијалков си го имал Утка. Ни набљудувачите на ОБСЕ не успеале преку Јанкулоска, да го тргнат Утка, кој за локалните избори бил локален шериф во Струга и вперувал пиштол во глави на луѓе. Затоа што Утка имал грб, а тоа бил лично Сашо Мијалков, кој смета дека на Утка тоа му е работа, а не да биде, како што вели Мијалков, “балерина“.

 

Слушнете. (Снимки 3,4,5)

 

Можеме само да претпоставиме како им е на професионалните полицајци да работат со вакви бандити во нивните редови.

 

Но, ова почитувани граѓани не е единственото насилие за кое што ќе слушнете денеска.

Вториот сет снимки ќе потврди дека насилието доаѓа од врвот на Владата, од Никола Груевски и потоа како метастаза се спушта по вертикала до неговите соработници.

 

-Груевски пикирал парк кај хотелот Бристол во Скопје и бара од Јанакиески таму насила да никне барокна зграда. Ова насилие врз граѓани од страна на премиерот Груевски се преточува во други несфатливи форми на изживувања врз луѓе.

 

-Така Мијалков и Јанкулоска договараат како да му го загорчат работното место на полицаец кој излегол на протест за Љубе Бошкоски

 

-Така Протогер во еден момент сака да го убие, замислете и Латас, но полтронскиот уредник на власта во Сител и не е единствениот што Протогер има желба да го убие

-Мартин Протогер бара од Јанкулоска помош тој да се пресметал и со новинарот Зоран Божиновски, кога ќе бил донесен од Србија во затвор во Скопје. Ќе слушнете до каде одат болните фантазии на Протогер за освета врз Зоран Божиновски, тоа е доволно одвратно и да се слушне, а не да се изговори.

 

Еве го вториот сет снимки. (Снимки: 6,7,8,9)

 

Ако се сеќавате, истиот овој Протогер, шеф на Кабинет на Груевски, посакуваше да се најде семејство на претседател на Фудбалската федерација на Македонија, во ендек.

 

Почитувани граѓани, ова изживување врз луѓе што го слушнавме, навистина згрозува.

 

Но тесната група на власт на чело со Груевски не застанува тука, тоа е пострашното. Ќе го отвориме, само со 3 разговори, случајот во Гостивар кога во расправија за паркинг место полицаец кој уби двајца граѓани на Гостивар. Нема да ви се верува што ќе слушнете.

 

-Јанкулоска и нејзиниот помошник, портпаролот Иво Котевски, прават калкулации со керкичката на полицаецот кој заврши во затвор. За свои интереси, нечовечки, планираат да го изложат девојчето на сурова медиумска експлоатација – ќе слушнете како треба тоа да го реализира уредничка во Сител, што работи по нивни инструкции, Славица Спасовска

 

-Ќе слушнете како тие креираат што да информираат медиумите под нивна контрола

 

-Ќе слушнете како во тие денови, кога имаше протести во Гостивар, Котевски посакал да бил “зачукан“ и некој новинар

 

(Снимки: 10,11,12)

 

Да, почитувани граѓани, слушнавте како оваа група на Никола Груевски се пресметува меѓу себе, како мразат политички неистомисленици, како не поднесуваат критички новинари. На крајот на оваа прес конференција ќе ја слушнете суровата и опасна вистина – колку овие луѓе не се искрени кога зборуваат за соживот. Ова мора да се слушне. Ова мора да го знаат, граѓаните Македонци, граѓаните Албанци, граѓаните од сите други етнички заедници во земјава, кои се сакаат, се почитуваат и сакаат да градат заедничка иднина во Република Македонија.

 

Разговорите што сега ќе следуваат, ќе откријат дали оваа власт на Груевски работи на соживот или работи на уништување на соживотот во Македонија. Не, оваа власт на Груевски работи на уништување на соживотот во оваа држава! Оваа власт, секој ден, перфидно, зад маски, зад кулиси ја поткопува и ја загрозува нашата заедничка иднина и иднината на нашите деца.

Еве слушнете го тоа лично од Гордана Јанкулоска, од нејзиниот сопруг Влатко вработен кај Груевски во Владата, од Сашо Мијалков, од Мартин Протогер.

 

(Снимки: 13,14,15,16)

 

Почитувани граѓани, почитувани претставници на меѓународната заедница, пријатели на Македонија,

 

Знам, дека ова не го мисли мнозинството граѓани во Република Македонија.

 

Мнозинството граѓани во Македонија копнеат да живеат мирно, сложно, без страв за својата иднина. Мнозинството граѓани во Македонија, независно од различностите по која било основа, споделуваат исти грижи, за својата егзистенција, за својата безбедност, за перспективите на своите деца. Мнозинството граѓани на Македонија имаат еден проблем.

 

Тој проблем има име и презиме. Тоа е Никола Груевски.

 

Толку е. Крената е завесата. Театарот е одигран. Дел од глумците сами се повлекоа. Не е доволно. Режисерот на долгата, мачна, задушлива, крвава драма мора да си оди.

 

Никола Груевски мора да си оди. Нема место повеќе за Груевски на политичката сцена.

 

Оттука повикувам,

 

Да престане Груевски преку медиумските мегафони да лаже дека наводно опозицијата подготвувала некакво насилство. Никакво насилство не подготвува опозицијата. Еве слушнавме. Ги слушнавме насилниците, слушнавме и за дел од нивните насилни механизми. Ова повеќе нема да го дозволиме.

 

Груевски, држиш невини луѓе и студенти во притвор кои излегле да го изразат своето право на протест! Ти ли имаш право да го правиш тоа? Ги повикуваш граѓаните од сите етнички заедници на контрапротест против опозицијата, па уште за стабилна и силна Македонија?!

 

Ти си Груевски креаторот на кризите во Македонија. Немаш образ да ги браниш безбедносните сили, пред само неколку дена ти загинаа 8 полицајци, сега гледаме и зошто. Апаши си поставил да им шефуваат на професионалците. Сценираш безбедносни кризи. Работиш на тајни сценарија за разнебитување на Македонија, спротивно на заложбите на мнозинството граѓани кои копнеат за стабилна, сигурна просперитетна, европска Република Македнија.

 

Почитувани граѓани, Македонци, Албанци, Труци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи и од другите етнички заедници,

 

Не подлегнувајте на црните сценарија што ги прави власта на Никола Груевски!

Во недела, на 17-ти мај, да излеземе гордо и достоинствено на натпартиски граѓански мирен протест и да покажеме што значи заедништво, што значи сериозност и одговорност, да покажеме како се сака Македонија со срце, да застанеме зад заедничка слободна, демократска, европска Република Македонија. Ќе имаме мирен, ненасилен протест, масовен, невиден досега. Не се испушта историската шанса да се учествува во мултиетнички и масовен граѓански протест во организација на невладините организации, здруженија и опозициските партии во Македонија.

 

Да не дозволиме, ова зло никогаш да се повтори. Продолжуваме…

 



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *