Ердоган: Нема да има „милост“ за групата која стои зад истрагата за корупција

erdogan

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека нема да има „никаква милост“ за групата која стои зад истрагата за корупција во земјата, објави „Хуриет дејли њуз“.

– Нашата демократија го избегна најголемиот и најтежок обид за преврат на сите времиња. 17 декември остана во историјата како црна дамка врз демократијата и владеење на правото во Турција, изјави Ердоган пред парламентарна група.

Турскиот премиер вети дека нема да има никаква милост за „илегалната група“, која се вгнездила во државата.

– Странски сили, лоби групи и нивните локални извршители стојат зад операцијата, која има за цел да му наштети на развојот на Турција и да добие одмазда за надворешната политиката на земјата, додаде Ердоган.

Во рамки на антикорупциската истрага на 17 декември беше преземена масовна полициска операција, во која беа уапсени синови на двајца министри, директорот на „Халкбанк“, државни службеници и бизнисмени. Тројца министри чии синови беа засегнати од истрагата, поднесоа оставки и дојде до големи промени во Кабинетот.



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *