Агрометеоролозите предупредуваат: Викендов минусни температури и опасност од мраз

kajsija

Промената на времето со  ладниот бран кој не зафати од север со право предизвика вознемиреност кај земјоделските производители, најмногу од опасноста од појава на мразеви особено овој викенд  или ноќта петок кон сабота кога се очекуваат температури  на некои места  да достигнат и -6 оС како во Малешевијата, но и оние во Пелагонија од -3 или во Скопската котлина од -2 оС, се сосема доволни да  уништат голем дел  родот. Ваквите температури се особено критични за виновата лоза, која во овој период започнува со потерување на ластари и почеток на формирање на цветови каде и температури од -0,6 оС можат да причинат штети.

Овошките во овој период, особено оние од јаболчестите видови, кои вообичаено цветаат покасно од коскестите, се исто така изложени на овој бран кој во голема мерка може да го уништи или намали родот, затоа што се во фаза почеток на формирање на плод или веќе формиран.

Исто така ова е период кога на повисоките места цвета оревот или е во почеток на цветање, фаза која е многу осетлива на негативни температури, каде и температури околу 0 оС може да предизвикааат оштетувања.

Покрај температурите на воздухот кои се во центарот на вниманието во овој период, подеднакво важни се и местоположбата на насадот, експозицијата на теренот, почвените типови, надморската височина и можеби најважно времетраењето на периодот со такви температури и сл. така што и штетите би зависеле од сите овие параметри, со што на одредени места истите можат да предизвикаат само проретчување на родот што е најповолната варијанта, кога со проретчен род може да се добие ист квантитет, но и плодови со поголем квалитет.

Денешните утрински температури беа негативни само во дел од земјоделските региони како што  се Берово со -4, Претор -2, Битола -1, што во никој случај не се занемарувачки, особено во Преспанскиот регион каде јаболката се или во цветање, прецветување или зачеток на формирање на плод, во зависност од сортата.

Најавата за утрешните минимални температури кои треба да се движат од -6 до 3 оС, практично се над целата територија на Републиката со исклучок на Демир Капија и Гевгелија. Најчести температури треба да бидат околу -2 или -3 оС што секако предупредуваат на штети во земјоделството.

Житните култури со овој бран добија вода која им беше неопходна за нормално продолжување на вегетацијата, скоро на целата Република наврнаа над 20 л/м2 што во овој момент не ја реши кризата со вода туку само ја санира за одреден период. Вода во овој период е повеќе од потребна, заради преголемата потрошувачка и пролетното обновување на вегетацијата.

Од климатолошки аспект погледнати ваквите временски состојби оваа година не се единствени забележани до сега, сме имале и многу покасно во пролет забележани и пониски температури од овие, така да апсолутните датуми на последна појава на мраз не се поминати на ниедно мерно место во Републиката со исклучок на Валандово,  Гевгелија и Демир Капија. Само илустративно овој датум на последна појава на мраз за Скопје е 13 мај кога во 1978 година бил забележан.

 

Ангелко Ангелески, Советник за агрометеорологија при УХМР



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *