АХВ со препораки за одгледувачите на животни поради студот и снегот

mleko_kravi

Агенцијата за храна и ветеринарство денеска ги објави препораки за одгледувачите на животни во случај на екстремно ниски температури и обилни врнежи на снег.

Повеќето видови животни релативно добро ги поднесуваат ниските температури но, при појава на екстремно ниски температури проследени со силен ветер и високи врнежи и наноси на снег во предвид треба да се земат следните препораки:

„Одгледувачите на животни за зимските месеци треба навремено да обезбедат вода и храна за животните во количини доволни за задоволување на потребите на сите животни на одгледувалиштето во траење од најмалку две недели. Храната треба да е со соодветна хранлива вредност и соодветна на видот и категоријата на животни кои се чуваат на одгледувалиштето.

На животните не треба да им се дава смрзната храна. Препорачливо е да се зголеми вообичаената дневна дажба на храна за животни која им се дава на животните, а особено кај гравидните животни за да можат да ја одржуваат својата телесна температура. Животните не можат, а не треба своите потреби за вода да ги обезбедуваат преку лижење мраз или снег, затоа за истите треба да се обезбеди свежа вода за пиење, која е на соодветна температура. За таа цел препорачливо е одгледувачите (одгледувалишта со автоматски/статичен систем за напојување) навремено да се снабдат со доволен број на корита, кофи и слично за доколку има потреба да ги употребат за напојување на животните.

При појава на екстремно ниски температури проследени со силен ветер и снег животните треба да се држат затворени во објектите/шталите, или да им се обезбеди соодветно засолниште. Во овој случај треба да се внимава на хигиената во објектите, редовно да се чисти ѓубрето и да се заменува валканата простирка со нова. Доколку не постои можност веднаш да се засолнат животните, привремено може да се употребат ќебиња или друг вид на прекривки за нив, во тој случај треба да се внимава прекривките во секое време да бидат суви.

Треба да се следи здравствената состојба на животните и истите почесто од вообичаено да се посетуваат и набљудуваат. Животните кои даваат млеко треба да се измолзуваат редовно во вообичаените интервали. Кругот во одгледувалиштето и пристапните патишта треба редовно да се чистат од снегот или мразот.  Помалите, младите категории и болните и повредени животни се категории на кои треба да се посвети посебно внимание. Одгледувачите на животни треба да се во комуникација со нивниот ветеринар за дополнителен совет или доколку е потребно интервенции“.



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *