Хистерија околу идентитетот

nenad

Веројатно патриотите никогаш нема да се уморат од приказните за идентитетот, таа досадна колективна будалштина, па не е никакво чудо што на самиот поим му се дава смртно-сериозно значење, знаете, со нашиот „светол идентитет“ не е воопшто здраво да се зафркавате. Интересно е да се слуша Илија Димовски&Антонио Милошоски како од собраниска говорница беседат за нашиот идентитет, па се поставува големо прашање: на што мислат овие два јуришници на груевизмот кога (не)мислат за идентитетот?

Се трудат овие смешни „трибуни“ да ги доведат контурите на досегашните „тврди“ и „чисти“ смерници на она што е „наше“, а тоа што не е наше, се знае: шарените, заевистите, комуњарите, Албанците… Како деца во претшколска возраст заглавени во песката на училишниот двор, маркираат територија: ги разграничуваат дефинициите на она што е „наше“ и она што е „странско“, сфаќаат – ама поприлично конфузно во нивниот шуплив политикантски ум – дека така се менуваат границите и државните констелации? Се разбира, „тртлањето за идентитетот“ по природа на работите, и од перспектива на потконтиненталните македонски митологеми е недопустливо…

Еве еден пример кој го собрав од непосредната околина. Имено, ми се пожали еден човек, кавадарчанец, прилично бизарен случај надвор од очите на јавноста, верник испратил писмо на латиница до Македонската православна црква: се жали човекот во писмото зошто поповите, тоест свештените лица, не плаќаат данок на државата, ама за многу брзо време, писмото му е возвратено – откако е отворено и прочитано, напишано со лут и дрзок одговор: „Не читаме латница од православното Скопје“. Е сега, ако сте некаков непоправлив циник ќе речете дека од кореспонденцијата човекот си го добил тоа што си го барал – на кому му пишуваш, така ти се враќа… Треба, имено, да се расчепка низ ваквиот демонстративен гест на одбивање комуникација, затоа што тоа претставува пребогат „мајдан“ (читај, богат извор!) за истражување на знаци и симптоми на една „хистерија на идентитетот“ (Ѓерѓ Конрад).

Изгледа Македонската црква има проблем ако ѝ се обраќате на латиница. Но, тоа би било многу површно; клучна работа се крие во одбивањето МПЦ да чита писмо на латиница до „православното Скопје“. Латиница може, да речеме, од Берлин, Париз, Лондон или Њујорк, ама не може од „македонското Кавадарци“, притоа напишана од раката на некој кој има „македонско“ име и презиме!

Овој гест нѐ приближува до епицентарот на една етно-идеолошка мономанија: постои само една, канонизирана форма на идентитетот, и секој припадник на „народот“ мора да се придружува, инаку се работи за отпадник, соросоид, ако не и предавник. Во таквиот тоталитарен однос кон, инаку така природна и нужна нестабилност и поливалентност на современите идентитети, сите национализми, било локални, било „национални“, се стравично слични еден на друг, ама секоја има свои мали опсесии: ние имаме патолошки страв од странски зборови, јазик. Денес ќе биде Еди Рама, утре ќе биде некаква „Албанска платформа“, па ќе биде унитарноста на државата, па федерализацијата, па… ќе измислат тие веќе нешто!

Иако овој пример не треба да нѐ залажува, во Македонија надвор од хистеричниот идентитет постојат и некои други вистини: тоа Скопје, и тоа Кавадарци се неподносливо и срамно валкани, запуштени, распаднати во своите сиви улици и згради, нивниот смог испарувајќи во воздухот е токму таков, сив и распаднат, а богами и душите на многу нивни луѓе, брутално контаминирани: оти ако не се, драги мои, Груевски и неговата клика ќе беше апсолутно неможен во оваа декада на беда и срамота, а ниту ние вака сложно – сите топтан – ќе се блесавиме за „нашите работи“.

Точно е, ако веќе се сака да се стигне до тривијалната очигледност, мора да се пројде низ некаков „процес на самочистење“ без разлика колку тоа несигурно и фрагилно би ни изгледало. Зошто? Затоа што неговите потрошувачи на таканаречниот „хистеричен идентитет“, одамна го зазедоа полето на потсвеста, саморазбирливиот, вечното хистерично напаѓање кон сѐ она што не сме ние, влегувајќи во зачараниот круг на самообожување и нарцистичко самозадоволување во глувчечка дупка: секој поглед на Другоста – ако баш не е некритичка и самодоволна во она што го гледа – тоа претставува проблем и закана. И затоа другиот треба да го презреме и екскомуницираме само како би можел оној екоовски „секојдневен фашизам“ мирно да продолжи со својата децениска оргија наречена „борба за хистеричниот идентитет“.

Сакам да скратам, бре, мајко моја мајчице! Сакам да престанам да „филозофирам“, уморен сум, измрцварен, со години ги слушам како лупетаат, со години ја слушам таа нивна болна и мачна приказна. Кој бре може да ви го земе, украде и врати идентитет? И што, на крајот на краиштата претставува тој фамозен идентитет, па уште и „македонски“?

Да се биде човек идентичен на себе значи да се поседува „автентичност“, што значи идентитет кој живее во некоја нормална човечка мера, идентитет кој може да се детектира како „вистински“ А како е возможно да се биде идентичен, односно вистински и стварен на себеси? Да се живее слободно, да се зборува слободно, токму тоа значи да се биде автентичен, а тоа секогаш значи, помалку или повеќе културолошки, јазично, алфабетски, благороднички, својствен crossover, затоа што „чисти“ и јасно раздвоени идентитети никогаш не ни имало, а поготово ги нема во денешниот смален, смачкан и вмрежен свет, значи дека ги нема никаде колективните идентитети освен во стерилните и дилетантски фантазии на етно-центричните умови, а тоа посебно значи за парченцето земја наречено Европа, па потоа важи и за минијатурното парченце наречено Балкан, па уште повеќе важи за микроскопското парченце наречено Македонија, земја која се поминува уздуш-и-попреку за час-два со автомобил, па уште се насобрале разни идентитети, така што ни самиот Господ не може да ги раздвои…

Слушајте, можеби сум глупав, но не сум наивен. Не очекувам јас од разни Антонијовци, Иљовци и останати груевистички „борџии“ некогаш да разберат било што од ова што пишувам, оти ако разберат, нема да бидат тоа што навистина се. Само сум уморен, знаете. Страаашно уморен од вечното враќање на исто, оосбено кога тоа исто е страшно неавтентично, толку празно и лажно, па уште се труди да го монополизира мојот идентитет, она што е мое, и да го сведе според сопствената мизерна мера.

Ненад Јовановиќ

Граѓански активист



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *