Како е да се биде Груевски

emilija

Сакам да ги прашам луѓето кои работат како новинари во информативните програми на Канал 5, Сител, Алфа и ТВ Нова, се разбира и во јавниот сервис МРТВ, како е да се биде новинар во овие тв куќи во изминатите десет години владеење на Никола Груевски? Дали може без грижа на совест да кажат дека работат професионално, без притисоци, без нарачани текстови и без закани? Дали сметаат дека начинот на кој ја известуваат јавноста во изминатите години е во согласност со правилата на професионално, објективно и независно новинарство? Дали се задоволни од своето работно место, од платата, дали сите се наградени соодветно според својот труд и залагање и дали новинарството што тие го практицираат таму е тоа за што се залагаат и за што ќе се залагаат и во иднина?

Дали кога одат на настани на кои се присутни функционери на ВМРО ДПМНЕ, посебно Груевски, поставувале прашања што се од општ интерес за сите граѓани и зошто не? Дали поставиле прашање што не им било однапред сугерирано или нарачано од нивните уредници? Дали, дури и ако прашале токму тоа што треба, потоа тоа им било пуштено на програма и ако не, зошто не успеале да се изборат за тоа? Дали имаше договор меѓу новинарите од провладините медиуми во минатото, кога беше премиер Никола Груевски, да бомбардираат со афирмативни прашања за него лично и политиките што ги води, за да оневозможат прашања од наши новинари од тимовите кои ги предводевме тогаш? Колку пати пресностасани новинари им се обратиле на свои далеку поискусни колеги со презир зошто поставуваат прашања кои може да го изнервираат вождот?

Дали се согласувате со уредувачката политика на медиумите во кои работите? Дали некогаш сте го кренале гласот против пропагандата што ја спроведуваат вашите главни и одговорни уредници во содејство со Мартин Протуѓер, Гордана Јанкуловска, Илија Димовски и сега во поново време Иво Котевски? Сето тоа инспирирано лично од Никола Груевски. Дали сметате дека тоа е во ред и дали сметате дека тоа е иднината на македонското новинарство?

Дали мислите дека Билјана Трендафилова, која се декларираше како прв човек на ТВ Нова е во право кога вели дека е загрозена слободата на медиумите, дека целта на СЈО и СДСМ е да се уништи медиумот во кој таа раководи, дека Тв Нова е професионален медиум и дека тоа им пречи на обвинителите од Специјално јавно обвинителство?

Дали мислите дека СЈО го гони Сеад Кочан заради телевизијата чиј сопственик е тој или заради злоупотреба на својата позиција како сопственик на ,,Трансмет“ кој во изминатите години преку јавни набавки и договори во 4 очи инкасирал 84 милиони евра од буџетот на РМ?

Дали мислите дека Кочан со денови е во бегство и е недостапен на органите на прогонот заради доброто работење на Тв Нова или заради сериозен криминал за кој му е одреден притвор и треба да одговара ?

Дали мислите дека беше во ред повикувањето на аналитичари на копче , среде ноќ, да зборуваат токму на К5 дека телевизијата на Велија Рамковски е дувло на криминал и хушкавте и ликувавте таа да се затвори? И како тогаш не требаше да се прави разлика меѓу медиум, во кој работеа ваши колеги кои сега се свртени против свои колеги и проневерите кои Рамковски ги правел со другите свои фирми кои се занимаваа со трговија и други дејности, а сега треба?

Дали сметате дека е новинарство прогласувањето непријатели и платеници меѓу колегите, лажење, криење на фактите, примање нарачки за нечиј отстрел, измислување, спинување, манипулирање на јавноста?

Дали сте ги слушнале ,,Бомбите“ и разговорите меѓу функционерите од ВМРО ДПМНЕ и делумно ДУИ и што мислите за тоа?

Што мислите за изјавата на Мартин Протуѓер-А војна да имаме? На Никола Груевски-Му тече низ ногавици. На Гордана Јанкуловска- Кажи и да не се занесува ќе ја избркаме од работа(тука мисли на ваша колешка од МТВ).

Колумната на Емилија Лазаревска во целост на АКО.мк



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *