Какво гигантско разочарување

frckovski

атформата на т.н. албански блок партии за, според нив важните прашања на основа на кои ќе преговараат за влез во владата на Македонија, е големо разочарување! Не знам кој и како ја составувал, кој им помагал, каде ја составувале, но е документ кој објективно му помага само на ДПМНЕ и Груевски и ДУИ и Али Ахмети за обнова на своите урнати позиции, а на Албанците во Македонија не може да им помогне со ништо или близу до ништо.

Доколку албанските лидери во „четворката“ инсистираат на неколку „клучни“ точки во Платформата (како онаа за промена на Уставот и Охридскот Рамковен договор) никој, буквално никој, нема да преговара со нив на тие основи, ниту може објективно нешто да им вети. Оттука Платформата би можела да се претвори во камен околу вратот на албанските лидери бидејќи може да води во продлабочување на кризата, а тие како виновници за истата ќе бидат објективно посочени, со исходот дека нема да може да се создаде влада во Македонија. Или пак, во втора варијанта еднакво губитничка за нив, ќе бидат принудени да отстапат, да се понижат и да прифатат дека некои делови од Платформата се неупотребливи и нерешливи. Да се откажат преќутно од нив и така да состават влада. Тоа е исто лошо политички за нив како и за нивните гласачи кои не мислам дека за таква платформа ги подржале на изборите. Значи, од тој аспект Платформата за нив е меч со две острици од кои онаа која може да ги „засече“ е поверојатната.

Не можам, а да не кажам дека сум разочарам од ова бидејќи сите ги гледавме Албанците можеби за прв пат како фактор на „граѓански пресврт“ во деновите и месеци на кризата и на самото гласање на изборите. Со овој развој на настаните Албанците од своите лидери се повторно заглавени како можен фактор или причина за нов бран на криза во Македонија со „паразитирање врз албанштината“ или една стара етно-националистичка агенда која создаде разбирливо скандализирање.

Она што е меѓутоа најжалосно со појавата на оваа Платформа, она што не може да не се нарече неверојатна кратковидост на нејзините составувачи (и неверојатно „лукавство“ на губникот на изборите Али Ахмети) е структурата на прашањата и темите кои се отворени во Платформата. Имено, Платформата како основа е поставена на мултиетничките прашања и „албанштината“ како да е тоа основа на кризата од која излегуваме и се обидуваме да ја решиме? Ја превртува лукаво и безобѕирно темата на кризата во мултиетничка (Албанците пак нешто бараат, а Македонците им даваат или не им даваат???). Таа расправа за и околу Платформата сега ќе ја предоминира политичката сцена сето ова време и потполно ја суспендира вистинската основата на кризата: а која е, да потсетиме, диктатурата и нивната узурпација на човековите права и власта, огромната кражба на народните пари и партизација на се и сешто со што државата се претвара во мафијашка инсталација.

Таа квази-расправа и поделбите кои ќе ги испровоцира се заканува да ја урне алијансата на граѓански сили, Македонци и Албанци и сите други кои се собраа околу граѓанското движење против диктатурата и против нејзините актери ДПМНЕ и ДУИ!

Тоа, драги мои може да се оцени или како дијаболично умно смислена операција за растурање на енергијата за промени и новите граѓански алијанси посебно Македонско-Албанск, или како идиотштина, но идиотштина која ќе има консеквенци. А кои се консеквенците: „Сеалбанската платформа’’ единствено им помага на ДПМНЕ и ДУИ и никому повеќе! ДПМНЕ и Груевски веќе почнаа да ја наплатуваат каматата од оваа гигантска глупост на албанските лидери – имено неуспехот да состави влада (ако до тоа дојде) Груевски мошне ефектно ќе го оправда со кауза-магна, со принципиелен став дека не може да се преговара за промена на Уставот и промена на Охридскиот договор и по цена да не се состави влада од ДПМНЕ. Не дека се повлекува бидејки е криминалец и дека никој не сака да го дружи и дека веројатно ќе заврши во затвор, туку дека ги брани унитарноста на државата и македонштината. Тоа има поента за многу Македонци во светло на појава на ебанава Платформа! Тоа дополнително од утре ќе ја гради позицијата и „обновата“ на ДПМНЕ (обид за враќање на разнишаната позиција на мафијашка партија, партија која денес служи само за спасување од затвор на својот лидер и за ништо друго). „Е па јебига брачо Албанци нисте могли усраније нешто урадити“.

Тоа понатака става огромен товар врз СДСМ, дури и успехот да состави влада (и да успее да потисне делови од Платформата за кои не може да се преговара) ќе биде постојано под напад и сомнежи за скриена согласност со „големо-албанските“ позиции од Платформата и под сомнеж од конспирации кои се политички наплатливи и исплатливи (за ДПМНЕ ). Токму сега кога ДПМНЕ нема платформа, Албанската им создаде нивна опозициска платформа.

Платформата на албанските партии дополнително значи победа за Али Ахмети во обид да ја пресврти политичката расправа од одговорност за криминалното владеење со ДПМНЕ во големо-албанска кич реторика како заедничка позиција на сите албански лидери. Нема веке прашања за одговорноста на ДУИ, сега се расправа за рокови и тајминзи за исполнување на албанските услови за влада(???) Пази богати!

Конечно самата Платформа позиционира крајно сомнителни тези и опасна политичка програма во основа. Основа за големо-племенски нови расправи за карактерот на Македонија каде се повторно е во барабан, ништо не е решено и за се повторно племенските поглавари (со сеалбански и семакедонски платформи) треба да седнат и да се договорат? Како тоа замислиле браќата Албанци да се одвива? Ми се чини како опасно наивна политичка пизма тезата дека Охридскиот договор (кој беше алфа и омега токму за Албанците) кој е направен со меѓународни гарантори и е единствен толку фален, успешен договор меѓународно признат како основа на успешен политички проект за изградба или барем доградба на држава, отсега не важи, ќе се менува со Нов договор, меѓу племенските старешини??? Ќе се пишувал нов Устав или постојниот „ќе се отворел“ за тие нови договори???

Тезата е концепциски надмината, базирана на колективистички не-ѓраѓански, предполитички, органистички идеи за нациите (во основа националистичка), а во пракса неостварлива. Неостварлива е бидејќи за таков проект е потребна согласност на двете македонски партии (и двотретинско мнозинство во Парламентот) што на Албанците им е јасно дека не е можно (ниту од една партија да добијат согласност). Ниту меѓународната заедница може да се сложи и поддржи такви проекти кои рушат се што креативно со многу напор, политичка волја и меѓународно посредништво се постигнало.

Па зошто воопшто ја соопштуваат ваквата Платформа со ваква содржина во овој најнесреќен од најнесреќните моменти кој го избрале?

Дали албанските лидери однапред се согласиле со улогата на „мали деца“ на кои треба да им биде простено секаква будалаштина да кажат, а потоа самите да ја проголтаат како политички нереална и лоша? Дали тоа им „тежело на душа“ па да си кажат? Дали е тоа политички одговорна позиција? Дали разбираат кому помагаат и зошто го прават тоа? Дали воопшто им е гајле за консеквенците од ваков контроверзен акт?

Сето останато во Платформата на албанските партии е познато очекувано и веќе кажано од опозиционата алијанса на македонки и албански партии, тоа ми се чини дека има улога на тесто кое треба да ги опкружи црешите или јаболкото на националистичкиот проект кој е во средината на питата?

Љубомир Д. Фрчкоски
Либертас



Еден коментар на “Какво гигантско разочарување

  1. 007
    10/01/2017 at 14:40

    Abre site se pravite ili se pravevte slepi pred vistinskite celi na 99% albanci{te nebile site za goleme,te nebile site za tirana i sto ne}.Treba da ne mizite i da kazete deka tie se i ke ni bidat rak rana za RM, zaedno so site nasi politicari koj poveke se kriminalci,otkolku politicari,i dodeka ednite sto i da pravat,vo prv plan mu e golema al,drugite {mak-politikantite=aramite}za licen interes i rodenoto dete ke go prodadat.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *