Неанад Јовановиќ: Крварење над Уставот

nenad

Работата со Македонија не е до Уставот, што значи дека работата со Македонија не е ниту до правилното толкување. Можете вие да натурите што сакате за да ви звучи „унитаристичко“, „суверено“, ама на крајот секогаш работите ќе се прилагодат на животот. А животот вели: Македонија ги надгласа теледиригираните груевисти. Што, бре, сега, има тука да се толкува?

Сте го читале Уставот? Имате ли мислење за него? Постои ли човек кој нема мислење за него, без разлика дали го читал или не? Смее ли воопшто да не’ се чита Уставот, освен ако не сакате да ве прогласат за политички идиот? Секое утро купувам весници, голтам „убава книжевност“, дури – што би рекла баба ми – си ги расипувам очите, блеам на интеренет. Па, сепак, статути, устави и слична ненаменска литература не читам. Сакам, знаете, да го читам „задоволството во текстот“. Последниве две недели многу се расправаше во македонската „јавност“ околу уставот на Републиката, па зедов и го симнав од интернет, го зачував, па, си реков, „магаре, или сега ќе го прочиташ или никогаш“. Почнав да го читам, почнав „да го проучувам“, ама се’ се завршуваше онака како што единствено има смисла: читав „наслови“, останатото го „скролав“ надолу оти, нели, не сум правник, или некаков бизарен фанатик. Ме прави ли таквото однесување површен и неодговорен, како читател и граѓанин? Кажете што сакате, јас не верувам во тоа. Романи, песни, колумни се читаат како што треба, или воопшто не се читаат, а устави и статути in extenso не се четива за нормален „инсејн“, како што не се трудови за, што-ти-ја-знам, астрофизика или пишување некои будалаштини зачинети со премногу хемиски состојки.

Седнав вчера, практично легнав на кауч, влегува жена ми, а јас се sверам во таблетот, ме прашува што правам, а јас и’ велам: „читам устав, еве, баш тука, на тринаесеттиот член, многу е возбудливо“! Е, ако тоа за вас е нормално, јас сум гроф Леополд фон Захер-Мазох.

Работата, меѓутоа, никогаш не била во читањето, уште помалку во толкувањето, туку во верувањето. А знаете како оди работата со нашите патриотски безвезњаци: тие мислат дека Уставот на Републиката е злобен и сомнителен „сепаратистички акт“, што значи дека внатре во неговите редови ќе најдат докази за тоа; ќе ги најдат тие мајчините и оние докази кои се наоѓаат „измеѓу редови“, или под редови, или над редови, или од страна. Го читав дури и тоа што патриотите го пронајдоа: тоа, луѓе, не е ништо, тие тоа многу добро го знаат. Ама во тоа „ништо“ има „нешто“, според нивната тврда верба, и што повеќе се покажува дека тоа ништо е уште повеќе ништо, тоа ќе биде уште погрозоморно нешто кои тие во него гледаат.

Како што работата со уставот не е во неговото читање, така ни работата со Македонија не е работа на уставот. Можете вие во него да натурите што сакате „унитаристичко“, „суверено“, ама секогаш уставот ќе ви се прилагоди на животот. Статутот, било што, исто така. А не обратно. Не може животот да се прилагоди на образец, форми, дефиниции, членови од подзаконски акти… итн. Имаше Македонија феноменален, прав и вистински Устав, па сепак тоа не ја запре да се уништи од политичката клика и нејзините теледиригирани патриотски штрумфови. Реалноста секогаш ќе ги прекрои своите закони, корисни или штетни, а патриотите здушно ќе трчаат по нив, обидиувајќи се реалноста да ја врамат.

Така е денес и’ со Македонија: таа денес е пред се’ реалност, а потоа се’ останато. Ако не беше така, до сега сосема ќе исчезнеше, а потоа во овие десет години – политички и правно – беше помала од ништо, чорба од чорба како чорба, па сепак остана и опстана во свеста на своите луѓе, дури остана и во оние луѓе кои се „предавници“, само што таквите не сакаат да се помират со фактот каде живеат. И како живеат, што е уште поважно. Затоа овој Устав на Македонија, без разлика колку е граѓански, и светски, последица е на реалноста, а не обратно: можеше Македонија да изумре во меѓувреме, па сепак тоа не се случи, иако толку голема сурија од злобници работеше вредно на тоа, што идеолошки, што теренски. Се покажа, имено, дека тоа што со едно, збирно име се нарекува, а што е маргина, и воздух, и менталитет, и вкупно некое тивко, зачинето и неуништиво секојдневие, па се’ тоа на купче што претставува последична и некаква специфична политичка, економска и културна реалност, дека тоа имено е некаква наизглед тестеста форма која ќе можеш ти помалку да ја месиш на оваа или онаа страна, да ја развлекуваш колку што може да истрпи, ама суштински не можеш да ја срушиш, поништиш, не можеш да ја сместиш во некаков етнички музеј во кој ќе танцува до вечноста.

Кога Македонија навистина би сакала да исчезне (од кого, од што?), никаков Устав тука не помага, затоа што тоа ќе биде едно од оние животно-историски потреби кои себеси си прават пат како вода, и ништо трајно не може да ги запре. Бидејќи таа тоа не го сака, тогаш таа ги уредува, измеѓу останатото, и со уставот, баш затоа што е своја, и затоа што не е сама на овој свет, туку живее со некои. Тоа се вика реалност, се’ друго е лош театар, срамно зулумќарење, малограѓанско дремење во кои ни самите дремаџии повеќе не веруваат. А јас и натаму ќе читам романи, весници, колумни, што истото и на вас ви го препорачувам, биле вие на горниот, долниот или централниот дел од Македонија.

Ненад Јовановиќ
Граѓански активист



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *