О зоти Ахмети, кој тоа мирот го ремети?

kokalanov

Ми ѕвони пред некој ден Перо во два по полноќ да ми каже виц. Има тој таков обичај, кога ќе остане затрупан на автопатот Скопје-Велес, врти и кажува вицеви за Македонија пат.
Се вратил мажот неочекувано порано од работа дома кај својата неверна жена, ја изненадил што се вели ко снег во јануари, и само што влегува дома – ѕвони телефонот.
– Не господине, сте го згрешиле бројот, не е ова Македонија пат.
За некое време, пак ѕвони телефонот.
– Не господине, сте го згрешиле бројот, не е ова Македонија пат.
Откако уште неколку пати се повторило, мажот оди изнервиран кај жената и ѝ вели:
– Значи, какви дебили има, десет пати веќе ѕвонат и прашуваат дали е чист патот.

И така, еве и овој јануари, македонскиот граѓанин се чувствува изневерено кога е Македонија пат во прашање. Иако редовно си ги извршуваме брачните обврски на секоја патарина и при секоја регистрација (на возилото се мисли), Македонија пат повторно нѐ изневери. Но, овојпат државата тоа го направи со стил – неколку дена однапред ни најави дека снегот ќе ја изненади.

И толку за снегот. Сѐ останато за оваа атмосферска појава веќе прочитавте на Фејсбук, со оглед на тоа што изминативе денови снег паѓаше со интензитет од три статуси во секунда.
Да, за снегот толку, но дозволете уште малку за неверството.

Али Ахмети вчера во интервју за ТВ 21 ни соопшти дека ако не направи коалиција со Никола Груевски, ќе си ги изневерел принципите и ќе ги загрозел стабилноста и мирот на земјата. Не дека оваа изјава нешто особено нѐ изненади, не сме до толку тапи ко Македонија пат, па сепак не беше пријатно да се чуе дека и после сѐ – овие двајца и натаму планираат Македонија да ја држат во пат-позиција.

Откако извонредниот и настојчив новинар на емисијата „Клик плус“ и 20-ти пат по ред го праша Ахмети дали ќе коалицира со Груевски, успеа да изнуди една теза, би рекол, подефектна и од багерите за чистење на снегот по патиштата: Во 2006 година Груевски го навреди албанскиот народ со тоа што направи коалиција со поразената партија, сега македонскиот народ се определи за ВМРО-ДПМНЕ, морам добро да изанализирам пред да ја на направам истата грешка.

Зошто е оваа теза на зоти Ахмети дефектна?

Прво, затоа што изборите во 2006 и 2016 година се тотално различни приказни погледнати низ призмата на етнички партии-винери и етнички партии-лузери. Пред десет години на пиедесталот имаше две коалиции кои од изборниот процес излегоа како јасни победници во двата етнички избирачки кампуса. Во 2016 дали воопшто ќе има математички победник кога е бројот на пратеници во прашање одлучуваа двесте гласа во Теарце.

Сега нема јасен победник, но, има прилично јасно дефинирана волја кај гласачите за промени. Таа волја може и математички да се изрази, но таа волја Ахмети можеше јасно да ја почувствува и на своја кожа како најјасен губитник на изборите со преполовена пратеничка група. Појасно здравје!

Второ, за разлика од „етнички чистите“ избори тогаш, сега имавме масовно граѓанско определување. И тоа овојпат беше најизразено токму кај Албанците. Така што, гласовите треба на еден кантар да се мерат, не на два. Не е само резултатот на СДСМ етнички мешан како што тврди Али. Неговата теза дека гласачкото тело на коалицијата на Груевски се 100 отсто Македонци и затоа тој ги претставува исклучиво нив е тежок фалц, затоа што поради партиите на Амди Бајрам, Ердоган Сарач и Иван Стоиљковиќ, во вкупните 455.000 освоени гласови се прокнижени и ромски и турски и српски, па сигурно и по некој албански глас.

Трето, шефот на ДУИ ако ги слушал „бомбите“, а бездруго ги чул (или му ги раскажале, како што му ги раскажувале интервјуата на Груевски), сигурно знае дека најмалку едни избори, оние во 2011 година, ВМРО-ДПМНЕ де факто ги изгубила, но го добила мандатот поради изборните нерегуларности. Дали тоа значи дека Ахмети веќе еднаш ги навредил Македонците со тоа што влегол во влада на поразената партија?

Четврто, Ахмети си пука во колено тврдејќи дека појдовна точка му е стабилноста и мирот во земјата. Ако се обиде ова да го искористи како алиби за нова коалиција со криминалниот врв на ДПМНЕ, ќе го постигне токму спротивниот ефект. Нема правда, нема мир, зоти Ахмети. Токму опстанокот на криминалната банда е најголема закана за мирот и стабилноста во моментов.

Петто, овие на 11 декември не беа само обични избори. Ова беше референдумско изјаснување дали ќе се одговара за криминалот од епски размери што се случуваше изминатава декада. Не станува збор за кукавичко јајце што владинава коалиција пак сака да ни го смести во гнездото. Не, Ахмети многу добро знае дека станува збор за криминален диносаурус што се испили од илјадниците прислушувани разговори и кој сега не може ниту лесно да се убие ниту лесно да се храни.

Овој криминален диносаурус – еден голем апарат што работи за богатење на мал број луѓе – ако граѓаните гласаа да преживее, ќе гласаа да продолжи да расте и да се храни буквално со живи луѓе. За среќа, мнозинството избирачи го препозна тоа и (овојпат без никаков етнички предзнак) гласаше чудовиштето да биде умртвено додека тоа сѐ уште е можно.
Ако сакаме да го упростиме и да го извулгарнизираме овој референдум, да, тој на некој начин беше определување за судбината на СЈО како единствена шанса во Македонија да има правда и да се реанимира клинички мртвата правна држава.

И последно, но не најмалку важно – лажна е тезата дека изнесениов став на Ахмети е потпрен на некакви принципи. Тој е излезен од недрата на стравот за својата лична слобода на функционерите од ДУИ кои имаат од вмровскиот путер на своите глави.

Така, кроце како колона возила на снег, доаѓаме и до таканаречената платформа составена под покровителство на Ахмети, а со потпис и на Села и Касами. Не гледам јас ништо спорно во самата содржина на документот. Јохан, не овој пратеникот со кој Али планира да коалицира, туку Јохан Песталоци рекол – секој човек мора себеси да си постави некоја цел која во тој миг не може да ја досегне, за секогаш да има кон што да се стреми.

Сашо Кокаланов

Текстот во целост на ПРИЗМА

 



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *