Почетокот на откупот на грозјето, веќе традиционално последниве десетина години го одбележуваат незадоволството на лозарите од понудената откупна цена од страна на винарските визби, наводното ангажирање на таканаречените лидери на земјоделците и посредништвото на Министерството за Земјоделство околу висината на откупната цена.
Целиот овој „процес“ трае неколку недели, со познато сценарио во кое секој ја одигрува својата улога- визбите нудат ниска цена, лозарите не прифаќаат, владата вели тоа се приватни субјекти, а за ова време грозјето стасува се бере и пред да почне да скапува повторно тракторите се редат пред винарските визби. Лозарите, од немај каде повторно ќе им го дадат грозјето на винариите или за беспари или со денар-два помалку за да ги земат парите веднаш. Треба да се раздолжат по земјоделските аптеки, им требаат пари и за основна егзистенција, да платат сметки, а имаат и деца за школување. Субвенциите не им се сигурна работа, не знаат кога и дали воопшто ќе ги добијат.
Годинава ќе биде уште потешка поради незадоволството на винарските визби од новите измени на Законот за земјоделство со кои рокот за плаќање на грозјето од 6 месеци е скратен на 3 месеци што не им одговара на визбите. Цената која ја бараат лозарите е најмалку ланската, 11 денари за смедеревката и 13 денари за вранецот. Но винарските визби веќе се изјасниле дека неможат да ја платат таа цена бидејќи кратко е времето за да го продадат виното. Неофицијално винариите нудат за два денари поевтино за исплата до 31 декември или ланската цена но исплатата да остане како што беше, до 1 прил следната година.
Преговорите сеуште траат и нема конечнен договор што на старт е непочитување на Законот за земјоделство и рурален развој според кој откупувачот најмалку 10 дена пред откупот треба да ја истакне откупната цена, а 45 дена пред тоа да склучи писмен договор за 50% од родот кој што планира да го откупи.
Ова секако се толерира од страна на Државниот земјоделски инспекторат бидејќи за власта винариите се „спасот“ лозарите да не им го истурат грозјето на Илинденска ББ. За власта најважно е капиите на визбите да бидат отворени и да се прибере родот. Тактиката е разработена преку таканаречните лидери на земјоделците, особено Аризанов од Кавадарци да се врши притисок врз винариите, односно сиот бес и незадоволство наместо кон владата која може и треба да превземе мерки, ќе се насочува кон откупувачите.
Тоа на владата и одговара бидејќи за незадоволството на лозарите некој друг ќе биде виновен а исто така ќе се обидат и тие да ги притиснат винариите да го откупат грозјето за да нема блокади и протести и откупот да помине мирно. По која цена и кога ќе им го платат грозјето на лозарите, тоа владата не ја интересира.
Затоа лозарите наместо да го слушаат Аризанов сето внимание треба да го свртат кон владата како одговорна за откупот на грозјето.
Постојат неколку мерки кои може да ги превземе владата, со кои ќе им овозможи на лозарите сигурен откуп по цени кои им одговараат.
Прво и основно да се намалат производните трошоци преку поефтина нафта, ѓубрива и заштитни средства. Оваа математика покажува дека цената на килограм грозје на овој начин може да се намали за 2 денари. На овој начин цената на грозјето ќе биде конкурентна и ќе им се исплати и на лозарите и на винариите.
Во случај како кај нас кога земјоделците произведуваат со скапи репроматеријали, а субвенциите се нередовни, тогаш мора да се јави владата како гарант со неколку мерки:
-Дополнителни субвенции до цената која им одговара на лозарите.
-Преработка на грозјето во дестилат – има вакви капацитети кај нас, со потребна технологија. Како пример се владите на Франција и Италија кои пред неколку години кога имаше проблем со пласманот на виното и визбите им беа полни со залиха, голем дел од родот го преработија во дестилат, само да не бидат лозарите во загуба.
-Долгорочно со изградба на фабрика за производство на гроздов концентрат за кој има и цена и пласман.
-Да се активираат амбасадорите, економските промотори и другите вработени во секторите за поддршка на пазарот и да се најде пазар за виното.
Постојат и други модели и начини на кои укажуваат агробизнисмените, како примерот со купувањето на кинеските двокатни автобуси кои владата место што ги плати со пари можеше да понуди македонско вино.
Сите овие мерки само ја потврдуваат манипулацијата на владата која перфидно се трга настрана од откупот на грозјето, повторно и единствено на штата на лозарите и лозарството во Република Македонија.
Ленче Николовска


