Перо Костадинов: ОНАМУ КАДЕ ШТО НЕМА ЛУЃЕ, ТИ БИДИ ЧОВЕК

pero

Егзистираме и коегзистираме во општество во кое владеат овчари, исфрустрирани кецароши и криминогени човечиња. Следствено на тоа овде царува подпросечноста, турбо-фолкот и негативната селекција. Овде владее стадото, а не индивидуите. Базичното прашање кое како индивидуи мораме да си го поставиме и да го одговориме е како дозволивме да бидеме дел од дезорганизираното и непрогресиво стадо, целосно погазувајќи си ја сопствената суштина и есенција.

Сосема извесно, го избегнуваме прашањето. Не поради тоа што не можеме да си го одговориме, туку затоа што се срамиме од одговорот. Затоа што се срамиме од самите себеси. Од тоа колку ефтино сме се продале и колку малку се почитуваме самите себеси. Се срамиме од податокот дека за удобна и мека столица сме си ја продале душата. Речиси бесплатно. Се срамиме од податокот дека не сме способни да креираме нови вредности и добра, туку сме најобични паразити кои треба да бидат платени со трошките од овчарот, и да молчат. Да молчат пред него, пред Бога и пред себе за сопствената деградација и лично распаѓање. Пред неколку дена Светска Банка лиферуваше податок дека две-третини од младите во нашата земја се функционално неписмени. Каде се движиме? Дали воопшто се движиме?

Се движиме. Не стоиме во место. Но, наназад. Секојдневно и забразно. Назадуваме, не поради тоа што немаме потенцијал, туку затоа што потенцијалот си го продадовме, па сега го немаме. Видни судии и професори станаа овци во стадото на овчарот. Тоа е најлесно и најбезбедно. Така (си) мислеа. Врвни умови и креативци заминаа. Не им беше најлесно и најбезбедно, но овде немаа(т) поле за културен натпревар помеѓу народите. Овде системската ерозија, општествено безредие и недостатокот на стандарди на сцената исфрлија најразлични бетмени кои треба(ше) да креираат вредности и да ги поставуваат општествените критериуми наметнати од овчарот. Што да се каже… Тажно!

Од Табановце, Богородица и Александар Велики излегуваме само физички. На светот не му продаваме производ туку слепо го плаќаме само производот негов. Јасно, за нешто да создадеме треба потенцијалот наш да биде во рацете наши. Но, не е! И затоа, инертно и летаргично, целосно му се препуштивме на синдромот на дисквалификација, односно во идиотско прогласување на другите за неспособни и недостојни. Почнавме да се занимаваме со другите затоа што себеси се немаме. Но, јасно, што друго би правеле паразитите кои не творат, не создаваат лична прогресија, не креираат позитивна општествена синергија и својот потенцијал му го продале на овчарот? Само би паселе од тревата што ќе му ја дадат.

Животот во страв и со тврд пендрек над нас направи да не се поднесуваме едни со други. Да (се) мразиме и дисквалификуваме. Да се делиме. Направи од нас крволочни животни кои живеат само за да му наштетат на другиот. Мислиме дека нашата самопотврда може да дојде само преку шиканирање и дисквалификација на нашите собраќа. Секојдневно и забрзано се уништуваме едни со други, за ниништо. Неписмени и купени стануваме злобни и нервозни. Стануваме суетни и фрустрирани. Стануваме несвесни и несовесни. И се тоа поради малкуте трошки кои ќе ни ги даде овчарот. А додека ние се уништуваме тој сурово продолжува да не молзи, да го продава нашето млеко и го користи нашиот потенцијал.

Томас Пејн рекол: “Нека ме викаат и бунтовник ако сакаат, тоа не ме загрижува; но нека одам по ѓаволите ако си ја продадам душата…”. Дојде тоа време. Веќе сме на работ. Мораме да застанеме и час поскоро да го напуштиме стадото. Да си ја вратиме душата и сопствениот потенцијал. Да го смениме правецот, да се ослободиме себеси и да завладееме со себеси. Мораме час поскоро да станеме силни индивидуи осредоточени со сопствената суштина, есенција и цели. Мораме да станеме водачи на(д) самите себеси. Мораме најпрво да се почитуваме себеси и своите потенцијали за да ги почитуваме другите и нивните потенцијали, како заедно би успеале да креираме нова енергија, синергија и позитивни вредности!

Пишува: Перо Костадинов



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *