Притворена сопругата на осомничениот терорист од Истанбул, нови детали од истрагата

terorist

По објавувањето на фотографијата на терористот осомничен дека го извршил грозоморниот напад на новогодишната ноќ во ноќниот клуб „Reina“ во Истанбул во кој загинаа 39 луѓе, почнаа да се откриваат неверојатни детали околу настанот, пренесуваМакфакс.

 

Меѓу притворените 12 лица по нападот се наоѓа и неговата сопруга. Според нејзините изјави дадени на полицијата, кои ги пренесуваат медиумите, терористот заедно со сопругата и двете деца на 20-ти ноември допатувал со авион од Киргизистан во Истанбул а потоа се префрлил во Анкара.

На 22-ри ноември преминал со семејството во градот Конја, каде изнајмил стан во висина од 1.100 турски лири (околу 300 евра) и однапред исплатил три кирии. Се известува дека дошол во Турција со намера да најде работа. На 29-ти декември се префрлил во Истанбул.

Притворената сопруга на терористот изјавила дека дознала за нападот од телевизија и дека не знаела дури ни дека сопругот ѝ бил симпатизер на Исламската држава.

Се шпекулира дека по објавувањето на фотографиите на терористот во турските медиуми и селфи-видеото на самиот терорист во кое јасно се гледа дека тој шета по централниот дел на Истанбул –Таксим, полицијата добила голем број повици од жителите кои живееле во околината на станот во Конја што го изнајмил терористот.

За видеото се шпекулира дека било објавено на веб страницата на Исламската држава и дека било снимено со одредена намера. Во понеделникот во населбата Зејтинбурну во Истанбул турската полиција спроведе широки операции за пронаоѓање на терористот чие име сѐ уште не се објавува.

Од друга страна, според изјавите на персоналот на клубот „Reina“, кои ги пренесуваат турските медиуми, неколку дена пред нападот се чувствувала извесна напнатост меѓу персоналот на клубот, бидејќи имало слухови дека во соседниот клуб дошле тројца непознати лица кои извршиле набљудување на објектот и дека затоа била известена и полицијата.

„Такви озборувања постоеја меѓу келнерите и јас трипати поминав низ полициска контрола доаѓајќи на работа. Имаше големо обезбедување и не можам да сфатам како успеа да влезе овде… Таа ноќ дури и такси возилата се контролираа, мислевме дека покрај такви големи мерки на безбедност не е можно да се случи ништо“ изјавил диск-џокејот на клубот Абдулах Џан Сарач за весникот Hurriyet.

Според сознанијата од истрагата, напаѓачот во Турција влегол од Сирија каде што се борел на страната на Исламската држава и поради тоа „добро ракувал со огнено оружје“, пишува весникот Hurriyet. Бил обучуван за војување во урбани средини и извршување терористички напади, додава весникот.

Во понеделникот беше објавено дека властите го идентификувале напаѓачот од клубот „Reina“, но во интерес на истрагата не го објавуваат неговиот идентитет, а не потврдија ниту дека зад нападот стои Исламската држава. Државната агенција Anadolu во понеделникот вечерта објави фотографии на лице за кои безбедносни извори тврдат дека е осомничениот за нападот со 39 жртви.

Се претпоставува дека напаѓачот е во централна Азија и оти потекнува од Узбекистан или Киргистан. Тој наводно бил „специјални избран“ за нападот во клубот, пишува Hurriyet.

Според Haberturk, деталите од нападот укажуваат дека терористот бил обучен за ракување со автоматска пушка. Тој користел двојна рамка за муниција поради оптимизација ан времето на полнењето и ги гаѓал своите жртви во горниот дел од телото.

извор: Макфакс



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *