Прво Велија надвор од мачилиштето „Идризово“, после сè друго!

gerovski_nadzorna

Напишав вчера на Фејсбук, ама ќе повторам пак и овде:

„Сите нарачуваат, ко пијачки у кафана – новата влада прво ова, прво она… Може нешто и јас да нарачам? Велија на слобода, веднаш! Првиот ден. За почеток, додека трае правната процедура, еден апартман на Кардиологија, оти слушам дека срце го стегнало кога чул дека Груевски конечно падна. Јасно?“

За аџамиите, кои можеби и не знаат кој е Велија Рамковски, а сега се туркаат во првите редови за значки и ордени, како и за тие што се малку повозрасни, а и ни тогаш и ни сега не им е јасно, еве, да го споделам овој пост на колешката Ленче Николовска:

„Посебна почит за човекот што шест и пол години ги издржа без глас да му слушнеме, бидејќи знаеше дека е во право. Оваа неправда кон него, кон неговата фамилија и кон целиот менаџерски тим на А1, ‘Време’, ‘Шпиц’ и 600 вработени во неговите фирми што останаа без работа, мора да се исправи!“

Многу пати сум пишувал за Велија и признавам дека сум субјективен, бидејќи човекот ми е пријател. Процесот против него и против неговите соработници не го признавам за валиден – нема да го признаев дури и да беа осудени за убиство на 15 деца и да ја беа признале вината! – затоа што беа извршени дејствија што значеа и класична повреда на начелото на претпоставка на невиноста и многу сериозна повреда на правото на одбрана.

Според тоа, Рамковски и другите, освен морална, мора да добијат и правна сатисфакција. Се разбира, во легална и нормална процедура. Никако поинаку!

Но, додека тоа се случи, јавно барам мојот пријател Рамковски веднаш да биде изваден од мачилиштето „Идризово“, за да се сочува неговото здравје. И веднаш знам дека тоа ќе биде спротивно на неговата волја – не знаете вие колку горд и тврдоглав човек е тој! – па затоа ќе инсистирам тој дел од акцијата да биде изведен меко насилно, ако треба со лисици околу рацете. Викнете ме, ќе дојдам лично да асистирам.

ПС. Мило ми е што денес, кога сите славиме, некои собраа доблест да се сетат и на жртвите на груевизмот што веќе не се меѓу нас. Погледнете го твитот на Билјана Бејкова, која се сети на нашиот Роберто Беличанец. Да им оддадеме почит на тие што, ете, не дочекаа значки и ордени, но да им помогнеме и на тие што скапуваат во македонските зандани, затоа што беа противници на режимот – ние видовме некаков живот, тие видоа само мрак.

Бранко Геровски

Плусинфо



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *