РСЕ: Ќе успее ли Хан да го покаже излезот од кризата?

Han_Przino_liderska_BRIF

Утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан и координативната седница нема да донесат ништо ново за излез од политичката криза, сметаат експертите. Според нив, Хан ќе го повтори истиот став, а партиите нема да постигнат договор.

Документ за излез од политичката криза понуди ВМРО-ДПМНЕ, кој беше одбиен денеска од страна на СДСМ пред утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан, кој заедно со европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн ќе направи уште еден обид за постигнување договор за излез од политичката криза. Експертите очекуваат еврокомесарот да го повтори истиот став за демократско предавање на власта во Македонија, а песимисти се дека партиите ќе постигнат некаков договор. Во истиот ден е најавена и координативна средба на политичките партии застапени во Парламентот.

Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изјави дека неговата партија подготвува документ за излез од политичката криза, по што ќе биде предаден на сите политички партии на разгледување.

Од партијата на прашањето што очекуваат од посетата на Хан ни соопштија дека Груевски веќе се изјаснил по прашањето. Груевски рече дека очекува Хан да ја осуди Платформата, како и мешањето на други држави во Македонија.

Од СДСМ денеска реагираа дека програмата на новата реформска влада, предводена од оваа партија, е единствениот документ што е во интерес на сите граѓани на Македонија и ја гарантира унитарноста на државата.

„За Никола Груевски следува период на соочување со документите и аргументите што го докажуваат грабежот и криминалот на неговото владеење и уништувањето на Македонија. Ефектите од неговите документи 10 години го уништуваат животот на луѓето и го блокираат развојот на Македонија“, е наведено во соопштението.

Од СДСМ посочуваат дека ќе има продолжение на конститутивната седница на Собранието, нов претседател на Собранието, мандат за составување Влада и нова реформска влада.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски смета дека политичките партии утре нема да постигнат договор, но очекува Хан да упати јасна порака.

„Не очекувам дека ќе се постигне договор. Но, тоа што очекувам е дека комесарот Хан повторно јасно и недвосмислено ќе ја повтори на некој начин изјавата од Брисел дека очекува демократско предавање на власта во Македонија. Тоа е многу важно за да може да се окуражи народот. Сите полека да стануваме свесни дека имаме ново парламентарно мнозинство и истото да започне да функционира. Од претседателот Иванов не очекувам баш ништо. Тој во изминатиот период покажа дека не е претседател на сите граѓани и нема што да очекуваме дека тој ќе ја промени одлуката. Неговиот став е јасен. Освен ВМРО-ДПМНЕ како дел од власта друг нема да добие мандат. Дури очекувам тој да ја врти работата кон нови избори што би било погрешно“, истакнува Дујовски.

Тој додава дека СДСМ и партиите од албанскиот блок кои дадоа потписи за формирање на влада да го забрзаат процесот на конституирање на Собранието со што би се стеснил просторот за делување на претседателот и на ВМРО-ДПМНЕ. Од ДУИ не одговорија на прашањето што очекуваат од посетата на Хан и кој е ставот на партијата по најавениот документ на ВМРО-ДПМНЕ.

Марија Митевска

РСЕ



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *