ТВ 24: Бизнисмените бараат итно формирање на нова влада

Vlada_BRIF
2017-та ќе биде црна година за стопанството-предупредуваат дел од бизнисмените. Повикуваат на итно формирање на нова Влада, која ќе се занимава со решавање на проблемите на бизнисот – од недостиг на свеж капитал, слабо кредитирање,  до блокирани институции. Стопанствениците укажуваат дека прв показател за потребата од нова Влада, е падот на индустриското производството. Ако продолжи кризата, на стопанството му се заканува колапс, информира ТВ24.
„Ако продолжи политичката криза и нема цврста влада, ќе имаме зголемен број на невработени, очекуван намален биланс од странски инвестиции и 2017 ќе ја завршиме како црна година и ќе ни треба многу години да се повратиме.“ – вели Фатмир Битиќи, Стопанска комора на Северзопадна Македонија.
Според дел од економистите потребата од брзо формирање на нова Влада е важно за функционирање на институциите кои треба да работат во функција на стопанството.
„Неформирањето на влада е кочница за  било какви понатамошни активности во економската сфера, коцница за приватниот сектор. Ако не се направи корекција во законот со кој ќе се продолжи мандатот на локалната самоуправа, тоа ќе биде погубно за локалниот сектор. Плата нема да може да се извади и влијае сето тоа врз приватниот сектор.“ – вели Предраг Трпевски, универзитетски професор.
На последиците вчера укажа и заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Ји, кој посочи дека е  важно да се основа нова влада, за да може утре администрацијата да си ја добие платата и да се извршуваат секојдневните обврски. Во меѓувреме, статистиката веќе мери пад на економските показатели.Во март индустриското производство е намалено за 0,9 отсто во споредба со истиот период лани. Пад е регистран и кај странските инвестиции, кои  во феврурари годинава споредено со лани се намалени за 36 милиони евра.
Соња Јанковска


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *