Евростат: Невработеноста во ЕУ во минатиот месец беше 11 проценти

Европската канцеларија за статистика (Евростат) денеска објави дека сезонски адаптираната стапка на невработест во септември била 12,2 проценти, што е стабилно во однос на август месец оваа година. Како што пренесе МИА од Брисел, во исто време стапката на невработеност во Европската унија изнесува точно 11 проценти, што е исто така стабилно во однос на претходниот месец. Сепак, и во Унијата и кај земјите што го користат еврото, стапката на невработеност е зголемена во однос на септември 2012 година кога беше 11,6 отсто во Еврозоната, односно 10,6 проценти во ЕУ.

Минатиот месец, според Евростат, 26,8 милиони мажи и жени биле невравотени во Унијата, од кои 19,4 милиони биле во Еврозоната, што во споредба со август оваа година е повеќе за 61.000 во ЕУ и 60.000 во Еврозоната, а во споредба со ланскиот септември, дури 978 илјади лица останале без работа во Европската унија, а 996.000 во Еврозоната.

Во однос на земјите-членки, најниска стапка на невработеност има во Австрија и изнесува 4,9 проценти, по која следуваат Германија (5,2%) и Луксембург (5,9%), додека најмногу лица без работа има во Грција (27,6%) и во Шпанија (26,6%). Во споредба со минатата година, стапката на невработеност е зголемена во 16 земји-членки на ЕУ, паднала во 11 земји, а останала стабилна само во Чешката република.

Според Евростат, минатомесечната стапка на невработеност во Соединетите американски држави била 7,2 проценти, што е за 0,1 индексен поен помала во однос на август 2013 и за 0,6 проценти помалку во однос на септември 2012 година.

Над 5,5 милиони млади лица (под 25 години) биле невработени минатиот месец во Европската унија, од кои 3,5 милиони во Еврозоната и нивната бројка е зголемена за 57.000 во однос на ланското мерење.

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести