Македонскиот репрезентативец и член на Вардар, Стојанче Стоилов во интервјуто за официјалната интернет страна на клубот изјави дека главна цел на Вардар сезонава е одбрана на шампионската титула.
– Приоритет секако ни е шампионската титула во домашното првенство, бидејќи тоа е услов и следната година да учествуваме во Лигата на шампионите. Што се однесува до СЕХА лигата, тоа според мене е првенство за разигрување на тимот, а најголема причина за таквиот мој став е неможноста за настап во некој од европските купови преку ова натпреварување. Во однос на настапите во Лигата на шампионите, очекувам пласман во следната фаза, со што би направиле историски подвиг за клубот, истакна Стоилов.
Тој е задоволен од досегашните настапи во Лигата на шампионите и најави „борба“ на теренот во македонската пресметка со Металург.
– Резултатот на натпреварите со Барселона и ПСЖ е одличен, Тун го добивме многу полесно од очекувањата, а што се однесува до поразот од Динамо Минск, можам да кажам дека беше решен од судиските одлуки. Сега следуваат натпреварите со Металург. Овие дуели од балканско, станаа европско дерби и мислам дека ќе бидат крајно неизвесни. Љубителите на ракометот може да очекуваат вистинска борба, односно дуел „да се биде или не“, вели пивотот на Вардар.
Следен дуел што ќе го одиграат „црвено-црните“ е на 8 ноември против Борац во СЕХА лигата, а дуелите со Металург во ЛШ се закажани за 14 и 24 ноември.


