Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром синоќа го доживеа четвртиот пораз во АБА лигата или трет во серија и заедно со трите загубени средби во Еврокупот се вкупно шест негативни исходи по ред, податок што претставува индикатор за постоење на резултатска криза.
Сепак треба да се напомене дека тренерот на „аеродромци“ Влада Вукоичиќ во ниту еден натпревар ги немаше сите играчи на располагање. Некој отсуствуваше поради повреда, некој поради суспензија, а така беше и на синоќешното гостување кај Мега Визура во Смедерево, каде домаќините победија со 101:82.
Сино-белите веќе в среда ќе имаат можност да ја прекинат лошата серија. Во Скопје, во 4.коло од Еврокупот гостува Калев Талин, а за седум дена МЗТ во 7.коло од АБА лигата е домаќин на Крка.
Постигнати резултати на другите четири дуели од 6.коло во АБА лигата одиграни вчеравечер: Шолнок – Раднички 101:92, Игокеа – Олимпија 74:61, Цедевита – Широки 85:76 и Крка – Задар 79:80.
Денеска играат Партизан – Цибона и Будуќност Црвена Звезда.
На табелата води Цедевита со пет победи и еден пораз, МЗТ е во долниот дел со две победи и четири загубени средби.


