Алегри и покрај слабите резултати ја има поддршката од раководството на Милан

Масимилијано Алегри не е проблемот во Милан и неговото тренерско место не е загрозено и покрај лошите резултати во Серија А оваа сезона, изјави потпретседателот на „росо-нерите“ Адријано Галијани.

Тој додаде дека вообичаено е одговорноста прво да се бара кај тренерот, меѓутоа во случајот со Милан не е така и рече дека Алегри ја има поддршката од раководството.

– Клубот верува во него. Се наоѓаме во тешки моменти, но искуството покажало дека треба да останеме мирни, им изјави Галијани на италијанските медиуми.

Во италијанската јавност веќе се шпекулира со смена на Алегри, а неколку медиуми ја пренесоа изјавата на Барбара Берлускони, ќерката на сопственикот на клубот, која најави промени во Милан.

Поранешниот шампион на Италија и европски првак во саботата загуби од Фиорентина на домашен терен со 2:0, а по 11.кола во Серија А се наоѓа на 11.место со само три победи, три нерешени и пет загубени натпревари.

Милан следниот дуел го има в среда во рамките на 4.коло од Лигата на шампионите кога ќе гостува на „Камп Ноу“ кај Барселона.

Најчитани вести