Тренерот на италијанскиот првак Јувентус денеска изјави дека неговата екипа се чувствува ментално посилна по синоќешното реми со Реал Мадрид и дека со овој исход „Старата дама“ остана во игра за пласман во осминафиналето. Антонио Конте додаде дека каков ќе биде епилогот ќе зависи само од нив.
– Можеме да одиграме на високо ниво и тоа против Реал Мадрид го докажавме. Се уште не сме го кажале последниот збор во Лигата на шампионите. По синоќешниот дуел сите се чувствуваме посилни и со зголемена самодоверба. Гледаме дека работата на тренинзите се исплати, а дали ќе победуваме зависи од тоа колку ќе покажеме на натпреварите, изјави Конте за италијанските медиуми.
Како успешен настапот на дербито со Реал го оцени и голманот на Јувентус Џанлуиџи Буфон.
– Не е срамота да се одигра нерешено со Реал. Тоа е клуб со одлични фудбалери и секое нивно доближување кон противничкиот гол значи притисок за голманите. Нема да ни биде лесно во последните две кола, ама ќе направиме максимални напори да се пласираме во следната фаза.
Синоќа во Торино на дербито на вечерта од 4.коло во ЛШ, Јувентус и Реал Мадрид одиграа без победник 2:2. Реал е речиси во осминафиналето, додека Јувентус ќе се бори за второто место со Копнехаген и Галатасарај.


