Бошковски: Вардар е фаворит против Борац

Македонскиот ракометен шампион Вардар утре во рамките на деветото коло од СЕХА лигата го пречекува Борац од Бања Лука. Традиционално „црвeно-црните“ одржаа и прес-конференција во пресрет на дуелот, а тренерот Андон Бошковски изјави дека Борац Бања Лука е големо ракометно име од минатото и во поранешна Југославија, но сега Вардар е фаворит.

– Тимот на Борац постојано се менува. Имаа и мали проблеми на почетокот на сезоната, а сега со неколку засилувања прикажуваат добри игри. Ние мораме на секој натпревар да играме максимално за да стигнеме до победата. Во редовите на Вардар на позицијата десен бек настапува Стефан Терзиќ, кој 2,5 години беше дел од тимот на Борац. Борац е екипа, која нема што да загуби во Скопје. Со новите играчи имаат добар тим. рече Бошковски.

На утрешниот натпревар тренерот на Вардар нема да може да смета на повредените Петар Ангелов, Владо Недановски и Алекс Душебаев. Во составот ќе ги нема ниту руските интернационалци Тимур Дибиров, Алексеј Растворцев и Михаил Чипурин. Во составот ќе се врати Владимир Петриќ, кој ја санирал повредата, додека Бошковски ќе настапи со тројца голмани и едно лево крило (Добривое Марковиќ).

Во редовите на Борац ќе се појават поранешните играчи на Вардар, Ратко Николиќ и Марио Блажевиќ (голман), додека еден од подобрите е Срѓан Тривунџа. Борац има две победи остварени на последните три натпревари.

Натпреварот Вардар – Борац Бања Лука се игра утре во СРЦ „Кале“ со почеток во 17:45 часот, додека вториот наш претставник во СЕХА лигата Металург во сабота гостува во Нов Сад кај Војводина.

Најчитани вести