Пад на приходите од говорните услуги и пораст во интернет и ИПТВ сегментот, 182.000 ДСЛ корисници, раст од 9,4 отсто во однос на септември 2012, 84.000 Макс ТВ корисници на крајот на септември 2013 што е раст од 44,3 отсто во однос на септември 2012, 1,2 милиона корисници во мобилната телефонија на крајот на септември 2013, намалување на приходите за 20,3 проценти и нето добивката за 57 отсто во однос на септември 2012, е билансот од работењето на Македонски Телеком и Т-Мобиле за третиот квартал на 2013 година.
Како што соопшти компанијата, Македонски Телеком и Т-Мобиле остануваат на водечката позиција на пазарот и во третиот квартал од 2013 година. Продолжува трендот на пораст во интернет и ИПТВ сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент. Во првите девет месеци од годинава, приходите на ниво на Групација изнесуваат 9,5 милијарди денари што е намалување од 20,3 отсто во споредба со истиот период лани. Во првите девет месеци од 2013 година оперативните трошоци се намалија за 5,6 отсто, додека нето добивката изнесува 1,5 милијарди денари и е намалена за 57 проценти споредено со истиот период минатата година.
И покрај негативните трендови, Македонски Телеком според интерните проценки зазема 69,9 отсто од пазарот во сегментот фиксна телефонија и 52,6 отсто во широкопојасен интернет.
Наспроти падот на приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент, приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (ИПТВ) се зголемија за 7,3 отсто во споредба со истиот период лани. Фокусот на дабл и трипл плус пакетите донесе зголемување на ДСЛ корисниците за дури 9,4 проценти со што корисничката база на ДСЛ на крајот од септември 2013 година е 182.000 корисници. Бројот на корисници на фиксната телефонија на крајот од септември 2013 година е намален за 8,2 отсто во споредба со септември 2012 годнина со што корисничката база изнесува 270 илјади корисници.
Иако Македонски Телеком, со ИПТВ услугата влезе како предизвикувач на пазарот што веќе беше доминиран од страна на операторите на кабелски телевизии, постигна 44,3 проценти зголемување на бројот на ИПТВ корисници во споредба со крајот на септември 2012 година. Како резултат на квалитетната услуга, интерактивноста и единственото ТВ искуство, корисничката база достигна број од 84 илјади корисници на крајот на септември 2013 година.
– Т-Мобиле Македонија останува лидер на пазарот на мобилната телефонија со 49 отсто удел (интерна проценка) и покрај силната конкуренција. Намалувањето на приходите во мобилната телефонија најмногу се должи на намалувањето на приходите во говорните малопродажни услуги како резултат на намалувањето на базата на корисници на 1,2 милиона на крајот од септември 2013 година и намалување на просечниот приход по корисник за 8,6 отсто, информира компанијата.


