Македонската фудбалска репрезентација составена од играчи до 21 година ја очекуваат два натпревара од квалификациите за Европското првенство 2015 од кои селекторот Бобан Бабунски очекува позитивни резултати.
– Нашата предност е домашен терен, а тоа го покажавме изминативе неколку години и сакаме да го задржиме моделот на непобедливост. Постигнатите резултати изминатиов период од неколку години се победи и нерешени на свој терен и тоа ни дава мотив да продолжиме со таа традиција, изјави Бабунски на денешната прес-конференција.
Тој најави офанзивна игра и атакување на трите бода, посебно што Македонија ќе настапи засилена со четворица играчи од А селекцијата.
– Имаме сила и способност да направиме добар резултат на овие два натпревари и да фатиме приклучок со врвот на табелата и поради тоа бараме поддршка од комплетната јавност за овие млади играчи. Во составот ќе имаме и четворица од А селекцијата кои сакаа да дојдат и да им помогнат на колегите од младата селекција. Нашата цел е да креираме играчи кои во иднина ќе бидат достапни на најсилната селекција, нагласи македонскиот селектор.
Бабунски од А националниот состав ќе ги има на располагање Стефан Ристовски, Езгјан Алиоски, Давид Бабунски и Александар Трајковски.
Напаѓачот на Мехелен очекува тешки натпревари, но верува во успех на крајот.
– Дојдов да помогнам со оваа селекција да направиме добар резултат и да се искачиме во горниот дел на табелата. Играме на домашен терен и се надевам позитивен резултат на двата дуела, рече Трајковски.
Бабунски за средбите со Азербејџан и Норвешка повика 24 фудбалери:
Голмани: Столе Димитриевски, Дени Илиев и Андреја Ефремов.
Одбрана: Езгјан Алиоски, Стефан Ашковски, Христијан Драгарски, Висар Муслиу, Дино Најдоски, Стефан Ристовски, Кристијан Тошевски, Ѓоко Зајков, Леонард Жута, Александре Дамчевски.
Среден ред: Давид Бабунски, Мартин Блажевски, Бесмир Бојку, Дарко Мицевски, Филип Наумчевски, Бобан Николов.
Напад: Дориан Бабунски, Марјан Радевски, Александар Трајковски, Дарко Велковски, Маркоски Кире.
Натпреварот Македонија – Азербејџан, се игра в петок (15 ноември) во 17 часот, а со Норвешка на 19 ноември во 19 часот и 30 минути. Двете средби ќе се одиграат на Националната арена „Филип Втори“.
Табела група 8:
1. Португалија 9 бодови (3 натпревари)
2. Израел 6 (3)
3. Азербејџан 4 (4)
4. Норвешка 3 (4)
5. Македонија 1 (2).


