По еднонеделна пауза продолжуваат натпреварите од БИБЛ лигата. Двата македонски тима денеска и утре ќе играат на домашен терен. Кумановчани денеска во 17 часот и 30 минути за противник го имаат косовскиот прволигаш Пеќ. Во претходниот настап Куманово ја оствари единствената победа над Крајова.
За денешниот ривал тренерот на Куманово, Горан Димитријевиќ истакна дека составот на Пеќ е квалитетен тим, кој последните сезони заедно со Сигал Приштина водат борба за првото место во лигата на Косово. Од неколкуте странски засилувања за истакнување е пред се Американецот Фредерик Хаус, а нов на листата е Хрватот Тимо Симовиќ.
Куманово и на овој натпревар ќе игра без повредените Ивица Димчевски и Немања Врањеш, кои надвор од теренот ќе бидат уште најмалку 10 дена.
Покрај овој натпревар денеска играат и Левски – Теодо, додека утре во Гевгелија Кожув е домаќин на Крајова.
Табела: Сигал 2-1 (победи-порази), Кожув 2-1, Крајова 2-1, Галил Гилбоа 2-0, Левски 1-2, Балкан 1-2, Теодо 1-2, Куманово 1-1 и Пеќ 0-2.


