МЗТ Скопје Аеродром гостува во Казан, повторно нема ТВ пренос

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево од 16 часот му гостуваат на Уникс Казан во дуелот од 5.коло во Еврокупот. Тренерот на македонскиот шампион Влада Вукоичиќ смета дека рускиот преставник има квалитетен состав предводен од одличен тренер и истакнува дека во досегашниот дел од сезоната Уникс Казан нема пораз во двете натпреварувања во кои настапува, Еврокупот и ВТБ лигата.

– Натпреварот против Уникс Казан е меч против веројатно и насилниот тим против кој имаме прилика да играме во досегашниот дел од сезоната. Се работи за една од трите екипи во ВТБ лигата која нема пораз (единствена со 5-0 скор) и една од трите екипи од вкупно 48-те во Еврокупот кои се со максимален учинок и без пораз. Само овие податоци се доволни за да се каже дека без дилеми екипата на Уникс е фаворит во нивната арена, изјави Вукоичиќ.

Српскиот стручњак смета дека ова ќе биде убава можност МЗТ Скопје да собере уште едно искуство од дуел со силен противник за кого настапуваат многу познати кошаркари.

– Во Уникс настапуваат докажаните евролигашки играчи како што се Зизис, Еидсон, Вуљукас, Кајмакоглу, Верменко, американските кошаркари Гуделок (со НБА искуство) потоа Мекки и многу други се имиња за респект, а предводени се од тренерот Тринчиери. Во исто време тоа е и натпревар во кој може многу да се добие. Самиот факт дека имаме прилика да ги одмериме силите со вака добар противник е еден вид предизвик и прилика да се напредува. Се надевам дека сите ние ќе ја искористиме на вистински начин, вели Вукоичиќ.

За жал ТВ пренос од денешниот натпревар против Уникс Казан во рамките на Еврокупот нема да има поради тоа што ниту еден ТВ канал од Казан ги нема откупено правата и не емитува преноси од натпревари на Уникс Казан во ова натпреварување. Поради иста причина немаше пренос и од гостувањето на МЗТ кај Банвит.

Освен средбата Уникс Казан – МЗТ Скопје, во 5.коло од оваа група денеска играат и Банвит – Рига и Калев – Макаби.

Табела Г група: Уникс Казан 4-0 (победи-порази), Макаби Хаифа 3-1, Банвит 2-2, Рига 2-2, МЗТ Скопје Аеродром 1-3, Калев Талин 0-4.

Најчитани вести