На 17 декември во Атина за прв пат ќе се одржи грчко-македонски економски-бизнис форум. Форумот го организираат Атинската Комора за трговија и индустрија (ЕБЕА) и македонската Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот и Стопанската комора на Македонија, со помош од министерствата за надворешни работи на двете земји. Целта на форумот, пред се, ќе биде да се истражи потенцијалот за понатамошен развој на трговската размена меѓу двете земји. Подготовките се во тек, а се очекува настанот да привлече голем интерес за учество на фирми од двете земји.
Грчките медуми во прилог на оваа информација додаваат дека според македонскиот Завод за статистика, Грција во моментов е втор по големина трговски партнер на нашата земја. Во првите девет месеци од 2013 година обемот на трговската размена меѓу двете земји изнесувал 662 милиони долари. Извозот од Македонија во Грција во тој период изнесувал 163 милиони долари, додека увозот од Грција изнесувал 499 милиони долари.
Ова е прв бизнис форум во Атина, но не и прва средба на бизнисмените од двете земји. Македонско-грчки деловни форуми до сега се одржани со стопанските комори на Солун и Халкидики.


