Грција ќе добие 160 милиони евра од ЕУ за вработување на младите

Грција ќе добие 160 милиони евра од Европската унија во рамки на Иницијативата за вработување млади, објави весникот „Катимерини“.

Кипар, исто така, за истиот проект ќе добие над 10 милиони евра.

Иницијативата, што беше предложена од Европскиот совет во февруари 2013 година, има буџет од шест милијарди евра за периодот 2014-2020 година.

Средствата ќе бидат дадени од 1 јануари 2014 година и ќе бидат искористени за програми за вработување, продолжување на образованието и обука во земјите-членки на ЕУ во кои нивото на невработеност меѓу младите надминува 25 проценти.

Грчкиот премиер Андонис Самарас вчера допатува во Париз за учество на конференцијата на европски лидери за прашањето за растечката невработеност меѓу младите луѓе. На средбата тој повика на заеднички активности во ЕУ за решавање на проблемот со невработеноста на младите.

Грција е во тешка економска рецесија, општеството ги исцрпи своите сили и сите социјални показатели се на „црвено“. Невработеноста меѓу младите се наоѓа на недозволеното ниво од 59 отсто, а вкупната невработеност во земјата изнесува 27 отсто, нагласи грчкиот премиер.

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести