Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија Синиша Михајловиќ изјави дека информацијата на италијанските медиуми дека ќе ја преземе Сампдорија е неточна. Михајловиќ со селекцијата на Србија се наоѓа во Дубаи, каде утре неговата селекција ќе одигра пријателски натпревар со Русија.
Српскиот селектор демантираше дека ќе го води клубот од Џенова, за кој има и настапувано како играч. Италијанските медиуми вчера пренесоа дека Михајловиќ ќе ја води Сампдорија откако пред неколку дена беше отпуштен тренерот Делио Роси.
Во изјава за сајтот на Фудбалскиот сојуз на Србија, Михајлопвиќ истакнал дека и натаму е селектор на Србија и ја подготвува репрезентацијата за утрешниот натпревар.
Инаку, Србија не успеа да се квалификува за Светското првенство во Бразил 2014 година, а селекторот е постојано под притисок дека може да биде сменет.


