Неформална група граѓани под називот „Да го спасиме Водно“ иницираше протестен марш на Водно што ќе се одржи утре, а има за цел да ја рашири веста за урбанизацијата на Водно до граѓаните на Скопје и да се спротистави на насилната урбанизација на белите дробови на Скопје.
-Сведоци сме на масовно повеќестрано манипулативно и преќутно уништување на парк шумата Водно – единствениот излез на чист воздух од загадениот град во кој живееме. Тоа НЕ смееме да дозволиме да продолжи.
Водно НЕ смее да се претвори во ресторантски комплекс, паркинг, елитна населба, телекомуникациска кула со штетни зрачења или било каков друг урбан проект за остварување на профит. ВОДНО е и ќе остане симбол за бегство од асфалтната џунгла во Скопје, се наведува во сопштението испратено од организаторите.
-Планинарските и еколошките друштва, како и сите вљубеници во природата, се првите кои треба да го кренат гласот против оваа катастрофа, додаваат тие.
Маршот ќе се одржи утре (17 ноември 2013 година). Собирно место е ОУ „Кочо Рацин“ во 10:30 часот, а се планира маршот да заврши на Врвот на Водно околу 13:00 часот.
Групата апелира и до сите бајкери да се приклучат на маршот, бидејќи оваа иницијатива е и „bike friendly“. Местото и времето на чекање останува исто како и за тие што ќе одат пешки.
-Очекуваме Ваше масовно присуство. За воздухот се работи! Да дишеме како луѓе!, порачуваат иницијаторите, а досега преку социјалната мрежа Фејсбук се имаат пријавено 1.789 поддржувачи, кои утре ќе се качат на Водно во знак на протест.
Иницијативата нема политичка позадина.


