На денешен ден во Постол, Егејска Македонија е роден Крсте Петков Мисирков во 1874. година.
Мисирков е македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.
Тој е и автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петерсбург, Одеса и Софија, раководител на ТМОК и личност на македонскиот 20 век.
Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.
Мисирков почина на 26 јули 1926 година во Софија, во тогашното Царство Бугарија.
Во чест на роденденот на Мисирков, ве потсетуваме на филмот „Шчо напраифме“, што Фондацијaта „Рамковски“ го посвети на овој познат македонски деец.
Сопственикот на „А1“ телевизија, Велија Рамковски во 2006 година ја основа Фондацијата „Рамковски“ која започна да го слави ликот и делото на овој македонски деец.
Во 2007 година Фондацијата „Рамковски“ го постави на Плоштадот „Пела“ во Скопје, споменикот на Мисирков, и истата година востанови награда со неговото име вредна 50. 000 евра во денарска противредност, која секоја година до затворањето на „А1“ телевизија се доделуваше на индивидуи кои дале посебен придонес за Македонија.
Наградата се доделуваше во пет категории: за наука, за уметност, за спорт, за економија и за животно дело.
Ова награда досега ја имаат добиено:
-2007 година: Блаже Ристовски, Атина Бојаџи, Боро Митриќески, Ристе Ристевски, Рина Усикова;
-2008 година: Борис Трајанов, Илија Васков, Шабан Сејди, Благоја Николовски, Ханс Лотар Штепан;
-2009 година: Димитар Илиевски – Мурато, Дарко Марковиќ, Виктор Фридман, Арбен Абдурахмани, „Танец“;
-2010 година: Жан Митрев, Сашко Кедев, Стево Степановски.
По затворањето на сопственикот на „А1“ телевизија, Велија Рамковски, Фондацијта прекина со доделувањето на наградите „Мисирков“.


