Санкционирани 96 возачи за брзо возење и под дејство на алкохол

Сообраќајната полиција изминатиот продолжен викенд откри и санкционира 24 возачи кои управувале возила под дејство на алкохол и биле исклучени од сообраќај. Санкционирани биле 72 возачи кои не го почитувале ограничувањето. Од нив 35 возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место.

Преземени се мерки и кон 22 возачи кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците и 20 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила во зоната на пешачките премини во зона на крстосница или на автобуските стојалишта.

Во текот на изминатите четири дена со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се 90 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот, ова го покажува Извештајот за случени сообраќајни несреќи на подрачјето на Град Скопје и неговата околина во текот на изминатите четири дена.

Согласно планот за работа денеска сообраќајната полиција ќе спроведе засилена контрола за откривање и санкционирање прекршоци од пешаците, како непоминување на обележан пешачки премин и поминување на црвено светло.

Сообраќајната полиција вчера изврши увид на седум сообраќајни несреќи. Од нив пет се со материјална штета, во две со полесни повреди се здобиле еден пешак и еден мотоциклист.

Во петокот се случиле 17 сообраќајни несреќи на кои сообраќајната полиција извршила увид. Од нив 12 се со материјална штета, во четири со телесни повреди се здобиле пет лица. Во 8 часот и 56 минути се случила една железничка несреќа со тешки телесни повреди. Несреќата се случила на железничкиот премин село Дељадровце и локалниот пат село Бањарци, во која учествувале товарен воз, сопственост на „Македонски железници“ кој се движел од Табановце кон Скопје и удрил во трактор „ИМТ 539“ без регистарски таблички, управуван од скопјанец. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тракторот кој со брза помош е пренесен во Градската општа болница и е задржан на понатамошно лекување.

Според сообраќајната полиција, случени се и шест несреќи со мала материјална штета во кои е пополнет Европскиот извештај.

Во саботата сообраќајната полиција извршила увид на 12 несреќи. Од нив пет се со материјална штета, во шест со полесни повреди се здобиле седум лица. Случена е и една несреќа со тешка телесна повреда. Несреќата се случила во 3 часот по полноќ на регионалниот пат Скопје – Велес, поточно пред куќата со број 76 во село Јурумлери. Во несреќата учествувале патничко моторно возило „форд ескорд“ со скопски регистарски таблички, управувано од скопјанец и двајца пешаци. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата пешаци, а со полесни повреди се здобил возачот на патничкото моторно возило.

Според сообраќајната полиција, случени се и четири несреќи со мала материјална штета во кои е пополнет Европскиот извештај.

Во неделата извршен е увид на 10 сообраќајни несреќи од сообраќајната полиција. Од нив три се со материјална штета, во седум со полесни повреди се здобиле 13 лица.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести