Ако некогаш сте јаделе во Tower Bar во историскиот Sunset Tower Hotel, тогаш го знаете Димитри Димитров. Тој го претставува Tower Bar. Можете да го најдете шест ноќи неделно, понекогаш седум, на местото домаќин на ресторанот, како ги поздравува гостите со неговиот извонредно мек глас, со неговите дланки споени пред градите, зборувајќи со својот источно-европски акцент за магичната ноќ што ќе се случи. И тој е во право. Многу често, се случуваат магичнте ноќи во Sunset Tower, во голема мера благодарение на него.
“Услугата не е за мене, таа е за гостите на кои им овозможуваме добро расположение и создаваме моменти кои траат вечно”, вели Димитров. “Секоја вечер е посебна, и јас сум фокусиран на овие неколку часа, додека гостите се тука, создавајќи особено интересно искуство за таа ноќ.”
Во хотелот Бел Ер, во 1984 година успешно ги шармирал најпознатите ноќни бдејачи во ЛА со својата голема умешност за решавање проблеми и со својата волшебна моќ да ја одржи забавата.
На пример, ако барот требало да се затвори, а Лајонел Ричи, Шон Пен и Бенисио дел Торо сакале уште да пијат, Димитров ставал шише вотка на мраз и ги преместувал во луксузен апартман. Ако требало да се направи се за тоа, моделот со кој излегувал Том Круз (пред Кејти Холмс) и неговата поранешна партнерка, актерката Пенелопе Круз, да не се сретнат, тогаш Димитри успевал да го направи и тоа.
Тука чести гости се Шон Пен, Џенифер Анистон, Том Форд, Анџелика Хјустон и Џони Деп , од време на време понекој филмски продуцент , раководител на агенција или значајно име во градот. Но, дури и сериозното присуство на славните не го заслепува Димитров – тој е среќен ако сите гости да имаат убаво искуство.
– Во Sunset Tower не поминува славата на Бритни Спирс, па таа, заради своето контраверзно однесување, не е добредојдена. Ниту Линдзи Лохан не е некоја голема ѕвезда за нас. Најважно ни е гостите да си поминуваат убаво и не е важно дали се тие ѕвезди или не. Некои од нив се мои големи пријатели. На пример, Хоакин Феникс, а пред да почине, и неговиот брат Ривер Феникс, потоа Шон Пен, Роберт де Ниро, Арнолд Шварценегер, Џорџ Клуни, Бил Мјуреј, Мики Рурк, вели Димитров.

Се случува, раскажува Димитри, Бред Греј да седи на едната маса, Џони Деп на другата, и покрај нив да прошета Шон Пен, и сето тоа во една иста вечер. Според него, клучот за нивната успешност и за тоа што сите тие познати имиња се нивни клиенти е во дискрецијата. Повеќе од 90 проценти од резервациите овде се прават под псевдоними.
Токму тоа е причината зошто Џенифер Анистон е постојан гостин, и тоа, без нејзиниот телохранител. Исто така и Кејти и Том, Бред и Анџелина, Мик Џегер, Џеки Колинс, Џорџ Клуни, Ненси Реган, Кирстен Данст, Ева Мендес, Дру Баримор, Том Форд, Анџелика Хјустон и Џони Деп, како и најпознатите продуценти, агенти и сите други важни имиња во градот.
Сите тие познати личности знаат дека господин Димитров е Македонец. Де Ниро во една пригода му раскажал за своето патување во Скопје, во 1963 година, по катастрофалниот земјотрес и му го опишал часовникот пред Музејот на град Скопје кој го покажува времето кога се случил земјотресот. Според раскажувањата на Де Ниро, оваа посета на Скопје имала големо влијание врз него и сликата на запрениот часовник се уште е во неговата меморија. Со Шон Пен, пак, Димитри пријателува веќе 30 години и вели дека сега тој е најмногу окупиран со своите деца кои се во проблематични тинејџерски години.
“И редовните гости се важни, не мора да се ѕвезди, за мене се сите ВИП”, вели тој.

Роден во Македонија, Димитров ја напуштил родната земја на возраст од околу 18 години, преселувајќи се во Лондон, и потоа во Монтреал, пред да ја замени канадскат зима за целогодишното сонце во Лос Анџелес. За две децении, тој беше менаџер во Diaghilev, руски ресторан во Bel Age hotel, сега The London West Hollywood – и исто така, направи краток ангажман во L’ Ermitage пред да биде регрутиран пред речиси четири години од страна на сопственикот на хотелот Џеф Клајн како домаќин на сервисот во штотуку реновираниот Sunset Tower.
Тој се гордее што ја завршил старата школа и смета дека нема ништо застарено во добрата услуга. А дека токму тој е најголемата ѕвезда помеѓу сите тие ѕвезди, зборува и тоа што досега се појавил во два филма глумејќи се самиот себеси. Во „Љубовница“, во 1992 година, со Роберт де Ниро и во „Дневникот на очајниот музичар“ во 2001 година. Игра и во една сцена во филмот „Пешн плеј“ (нов филм со Мики Рурк и Меган Фокс). Бидејќи тој не е актер, и во него, повторно, се игра самиот себеси.

Сопственикот на „Сансет Тауер бар“, Џеф Клајн, е среќен што има таков соработник како Димитров. Во интервјуата за американските медиуми, тој честопати изјавува дека е тешко да се најде некој со таков уникатен карактер кој ќе направи сите тие важни личности да се чувствуваат како дома. Според него, Димитри е токму таков, „чудо на природата“.
“Ако ме прашате дали е тоа работа, ќе речам дека е речиси непристојно. Тоа е она што јас го правам”, вели Димитров. ” Линијата помеѓу тоа кога сум на работа а кога не е нејасна. Јас не сонував за ништо друго освен она што сум јас токму сега, сите мои соништа се постигнати”, вели Димитри Димитров.


