Снајдер: Немам намера да си одам од Галатасарај

Холандскиот интернационалец Весли Снајдер денеска изјави дека нема намера да го напушта неговиот клуб Галатасарај во зимскиот преоден рок.

– Среќен сум тука и немам намера да го напуштам Галатасарај. Тука имам голема поддршка од сите и се чувствувам одлично. Нестрплив сум да заврши преодниот рок и шпекулациите за моето заминување од Истанбул, истакна Холанѓанецот.

Снајдер беше јунакот во победата над Јувентус остварена пред 12 дена во Истанбул, постигнувајќи го победничкиот гол вреден осминафинале во Лигата на шампионите. По тој натпревар холандскиот фудбалер беше поврзуван со евентуален трансфер во Манчестер Јунајтед или Челзи кој е следниот противник во елитното натпреварување.

– Убеден сум дека со Челзи ќе одиграме два квалитетни и неизвесни натпревари. Располагаме со квалитет да направиме уште еден чекор напред, додаде играчот од средниот ред на Галатасарај.

Најчитани вести