Туре: Барселона ни се плаши зашто играме фантастично

Играчот на Манчестер Сити Јаја Туре смета дека неговиот тим е во извонредна форма и дека противникот во осминафиналната фаза од Лигата на шампионите се плаши од „Сити“.

Токму во осминафиналето Туре ќе игра против Барселона својот поранешен клуб и еден од главните фаворити за освојување на трофејот во елитното европско натпреварување.

– Барселона на некој начин се плаши од нас. Тоа е така поради нашите фантастични изданија во натпреварите од Премиер лигата во последно време. Играме офанзивно и даваме многу голови. Нашата цел е постигнување гол повеќе од противникот, изјави репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска.

Тој додаде дека е презадоволен од неговиот престој во Манчестер и од настапот во дресот на „граѓаните“.

– Верувам дека Сити за некоја година ќе стане најдобриот клуб на светот. Мило ми е што сум тука и среќен сум што играм во овој клуб, истакна Туре.

Првиот дуел од пресметката во ЛШ меѓу Манчестер Сити и Барселона е на 18 февруари 2014 година во Манчестер, а реваншот е на 12 март на теренот на Каталонците.

Најчитани вести