Колумбискиот фудбалер и член на Интер Фреди Гуарин го откажа најавуваниот трансфер во премиерлигашот Челзи и одлучи да продолжи да настапува за „неро-азурите“ барем до крајот на сезоната.
Претходните неколку дена италијанските медиуми пишуваа дека договорот меѓу Интер и Челзи веќе е потпишан и дека Гуарин со сигурност ќе се пресели во Лондон. Веќе беше објавена и сумата за оштета од 15 милиони евра која требаше да ја добие Интер.
Сепак, во последен момент пред реализација на трансферот Колумбиецот оценил дека не е дојдено правото време тој да ја менува средината.
Проблемите за Гуарин во Интер настанаа при неговата замена на натпреварот против Фиорентина кога нервозно реагираше кон навивачите, потег за кој подоцна се извини.
Според актуелниот договор колумбискиот репрезентативец во Интер треба да остане до 2016 година.


