Напаѓачот на репрезентацијата на САД и играч на екипата на Сиетл од американската МЛС лига Клинт Демпси во следните два месеца како позајмен играч ќе го носи дресот на Фулам во Премиер лигата. Ова практично значи враќање во тимот каде Демпси има настапувано претходно.
Во американската лига сега е пауза, па играчот има можност како позајмен да игра до почетокот на март 2014 година.
Демпси во Премиер лигата за Фулам има одиграно 225 натпревари и постигнато 60 голови (за пет и пол сезони), а во сезоните 2010/11 и 2011/12 беше избран и за најдобар играч на клубот. Во август 2012 година од Фулам мина во Тотенхем каде на 43 натпревари постигна 12 голови.
30-годишниот Американец на ваков чекор се реши за да биде подобро подготвен за Светското првенство во Бразил, додека на Фулам ќе му биде од корист особено што премиерлигашот од Лондон се наоѓа на 19.место на табелата.


