Во организација на Планинарското спортско друштво „Кадиица“ беше реализиран маршот од Равна Река до Ченгино Кале, а планинарите го посетија и изворот на реката Брегалница.
Пехчевските планинари, вчера со своите гости од Делчево и Берово, успешно ја совладаа патеката долга петнаесетина километри и по убаво и сончево време стасаа до целта – граничниот камен помеѓу Македонија и Бугарија, најисточната точка на нашата држава на надморска височина од 1.745 метри.
Планинарите ја имаа ретката можност да го посетат изворот на реката Брегалница на Ченгино Кале, да ги видат прекрасните пејсажи што се пружаат кон планинските врвови на Пирин, Рила, Беласица, Огражден и Плачковица и да уживаат во чистиот воздух и сончевиот топол декемвриски ден.
На враќање тие ги посетија и живописните Пехчевски водопади на Равна Река и на други притоки на реката Брегалница.


