Дваесет и пет сообраќајни незгоди се случиле во изминатите три дена на подрачјето на Град Скопје, а 59 возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол се исклучени од сообраќај.
Во петокот, на 27 декември, случени се вкупно 10 сообраќајни незгоди на коишто сообраќајната полиција изврши увид. Од нив четири се со последица материјална штета, а пет се со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле пет лица – двајца возачи на патничко моторно возило, двајца пешаци и еден патник во автобус.
Случена е и една незгода со загинато лице. Во незгодата која се случила во 20 часот и 30 минути на крстосницата од бул. „Партизански одреди“ и бул. „8 Септември“, учествувале патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје и пешак, граѓанин на Радовиш на возраст од 25 години. Како последица на повредите пешакот им подлегнал на повредите на лице место. За сообраќајната незгода известен е истражен судија и јавен обвинител коишто излегоа на лице место, а увидот го препуштија на увидната екипа на СВР Скопје за утврдување на причините поради кои е дојдено до незгодата.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се и пет незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај.
Во саботата, на 28 декември, сообраќајната полиција изврши увид на девет сообраќајни незгоди. Од нив осум се со последица материјална штета, а една е со последица телесни повреди во која со полесни повреди се здобило едно лице.
Според евиденцијата, случена е и една незгода со мала материјална штета во која што е пополнет Европскиот извештај.
Сообраќајната полиција вчера изврши увид на вкупно шест сообраќајни незгоди. Од нив една е со последица материјална штета, а четири се со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле пет лица. Случена е и една незгода со последица тешки телесни повреди во која со тешки телесни повреди се здобило едно лице.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се и пет незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај.
Во текот на овие три дена откриени и санкционирани се 59 возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај. Во контролата на брзината на движење откриени и санкционирани 22 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на истата. Од нив 12 возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место. Преземени се мерки и према шест возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, 19 возачи не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците и 38 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила на автобуските стојалишта, пешачките премини и во зона на крстосница.
Во текот на викендот од страна на сообраќајната полиција се користеше и специјалното возило „пајак“ при што отстранети се 106 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Од МВР соопштуваат дека за денеска нема најавено вонредни настани, со што се очекува нормално и тековно одвивање на сообраќајот според постоечката регулатива.


