Пораз од европскиот вицепрвак Србија

Македонската ракометна репрезентација вечерва е поразена од европскиот вицешампион Србија со 30:28 (13:15).

Во СРЦ „Кале“ двете репрезентации одиграа натпревар со многу борба и желба за победа и секоја од репрезентациите доби по едно полувреме.

Со овој триумф Србија и се реваншираше на Македонија за поразот на Европското првенство пред две години во Белград.

Нашата репрезентација добро го почна првиот дел и во 8.минута водевме со 6:2, па селекторот на Србија, Владан Матиќ мораше да побара тајм аут.

Македонија продолжи со добрата игра и по двата гола на Филип Миркуловски и голот на Ванчо Димовски во 18.минута ги имавме највисоките + 6 (11:5). Но, противникот брзо се врати во игра и со серија од три голови ја врати неизвесноста. Во финишот на првиот дел Кирил Лазаров со два гола и Гоце Георгиевски ја потврдија ефикасната игра во првиот дел и со по 4 голови се најефикасни во таборот на Македонија. На почетокот на вториот дел Србија за првпат изедначи во 34.минута (16:16). Кога имавме играч повеќе противникот постигна два гола, ние еден и за првпат Србија водеше (18:17).

Успеавме да поведеме со 19:18, но тоа беше и нашето последно водство бидејќи во продолжението Србија постојано водеше предводена од расположените Петар Ненадиќ и Марко Вујин, а ние успевавме само да изедначиме.

Најефикасни кај Македонија беа Кирил Лазаров со 8 голови и Гоце Георгиевски со 6. Кај Србија Ненадиќ и Вујин постигнаа по 7 голови или двајцата заедно 12 во вториот дел. Ова за нашата репрезентација беше последен тест пред настапот на Европското првенство во Данска.

]]>

Најчитани вести