Некогашната прва ѕвезда на Реал Мадрид, Раул Гонзалес доби понуда од претседателот на клубот Флорентино Перез од следната сезона да се вклучи во работата на стручниот штаб.
Според пишувањата во шпанскиот печат каков ќе биде одговорот од фудбалерот кој 17 години го носеше дресот на Реал Мадрид ќе зависи од семејството кое му е приоритет во животот.
Перез е оптимист дека Раул ќе се врати „дома“ откако фудбалерот изјави дека по завршување на професионалната кариера ќе се посвети на тренерската работа.
Во моментов Раул настапува за катарскиот Ал Саад каде е член од 2012 година, а „кралскиот клуб“ го напушти 2010 година кога замина во бундеслигашот Шалке.
36-годишниот Раул за Реал има одиграно 550 натпревари и постигнато 228 голови, а завидна ефикасност покажа и во Шалке каде на 66 натпревари има 28 погодоци.
]]>


