Оптимизам во македонската ракометна репрезентација пред тргнувањето за Данска

Македонската ракометна репрезентација утре заминува за Данска каде од недела ќе ги започне натпреварите на Европското првенство. Во таборот на „црвено-жолтите“ владее оптимистичко расположение и решителност да се прикажат добри игри.

– Во федерацијата сме задоволни од начинот на кој се одвиваа подготовките. За жал се случија повреди на Наумче Мојсовски и Филип Лазаров. Ние како федерација сторивме максимум од тоа што знаеме и тоа што можеме да создадеме нормални услови за функционирање на репрезентацијата. Во Данска одиме со кренати глави, со оптимизам и со надеж за добар резултат, рече на денешната прес-конференција претседателот на РФМ Живко Мукаетов.

Селекторот Ивица Обрван посакува поминување на првата групна фаза.

– На два дена пред стартот на ЕП веќе се чувствува една позитивна трема кај сите играчи. Ракометарите веќе со мислите се насочени кон Данска и со нетрпение сите чекаме да почнат натпреварите. Проблемите се составен дел од спортот и ќе ги оставиме на страна. Се подготвивме добро и ќе дадеме се од себе да ја прикажеме Македонија во добро светло. Нашата прва цел е пласман во вториот круг. Го респектираме секој противник во групата. Данска се смета за главен фаворит не само во групата, туку и на првенството, а Австрија и Чешка се имаат свои математики. Нема да е лесно, но ќе дадеме се од себе да ја оствариме целта, изјави Обрван.

Капитенот Кире Лазаров очекува и по ова големо натпреварување ракометот да остане најуспешен спорт во државата.

– Од оваа репрезентација се очекува многу. Последните 20 години оваа репрезентација има најмногу направено во колективните спортови во Македонија. Го прифаќаме предизвикот и ветувам дека ќе дадеме 100насто од нашите можности. Добро се подготвивме, формата ни е во нагорна линија, верувам во моите колеги. Растеме од година во година и собраното искуство од тешки и важни натпревари во изминатиов период е наш плус. По квалитет не заостануваме многу и сме блиску до барем 80насто од учесниците на ЕП. Имаме голема поддршка и од федерацијата и од јавноста која има големи очекувања, а ние ќе се обидеме да возвратиме со добри игри, истакна Лазаров.

За Филип Миркуловски патот до втората фаза на првенството, како и надополнувањето на отсуството на повредените Мојсовски и Лазаров ќе може да се случи само со голема борбеност и мотивираност.

Поддршка на своите колеги им изрази Наумче Мојсовски.

– Се наоѓам во состојба кога за првпат во 15 години репрезентативна кариера не можам да им помогнам на моите колеги директно на теренот. Верувам во овие играчи и верувам дека можат да го надополнат моето и отсуството на Лазаров. Само да бидеме единствени и успехот е неизбежен, потенцира Мојсовски. Европското првенство во Данска почнува в недела. Македонија е во група со домаќинот, со Австрија и со Чешка.

На тројцата македонски репрезентативци од претставник на „Пивара Скопје“ им беа доделени специјално изработените дресови на кои навивачите оставаа пораки за успех.

„Вие сте наши херои“, „Оставете го срцето на теренот, а ние ќе бидеме со вас до последен здив“, „Еден-по-еден до нова сензација“… се само дел од пораките испишани на дресовите на ракометарите од навивачи од сите краеви на Македонија.

]]>

Најчитани вести