Македонската фудбалска репрезентација на 5 март во Скопје ќе одигра пријателски натпревар против Летонија. За селекторот Бошко Ѓуровски ова ќе биде дебитански натпревар во новата функција и воедно можност за проверка на потенцијалот на нашата репрезентација.
– Натпреварот против Летонија ќе биде посебен, дебитирам на селекторската функција и чувството веќе е позитивно. Се надевам дека луѓето ќе дојдат на „Националната арена“ и ќе ни ја дадат поддршката. До мартовската пресметка со Летонија има доволно време, деталите околу изборот на фудбалери ќе ги соопштиме во наредниот период. Мислам дека ќе биде добар натпревар, Летонија е квалитетна селекција, нивното место на ранг листата на ФИФА, сметам дека не соодветствува со нивниот вистинскиот потенцијал. Ова ќе биде добра проверка, одлична можност да се соочам со квалитетот и потенцијалот на фудбалерите кои ќе добијат шанса во селекцијата, изјави селекторот Бошко Ѓуровски.
Македонија прв пат ќе игра натпревар против Летонија, селекција рангирана на 116.место на ФИФА листата.
– Имаме одлични односи со Фудбалската федерација на Летонија и навистина ни е драго што успеавме да постигнеме договор за контролен натпревар. За прв пат ќе се соочиме со Летонија, натпреварот е можност новиот селектор на нашата селекција да се запознае со репрезентативците и лицата кои го сервисираат и му даваат логистика на националниот тим. Летонија е во четвртиот барабан за извлекувањето на групите за Европското првенство, ние сме шешир подолу, но подобри на ранг листата, тоа дава до знаење дека можеме да очекуваме добар, неизвесен натпревар, изјави Петар Милошевски, директор на националната репрезентација на Македонија.
]]>


