Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром вечерва против Партизан во Белград ќе го одигра натпреварот од 18.коло на регионалната АБА лига.
Тренерот Зоран Мартич смета дека неговиот тим за да постигне поволен резултат ќе треба соодветно да одговори на брзата игра на противникот.
– Кога гостувате на екипата на Партизан, морате да бидете спремни на агресивна и брза игра која е заштитен знак на Партизан и токму со таква игра тие влегоа во вториот круг на Евролигата. Логично е дека тие се фаворити во престојниот дуел, изјави Мартич пред заминувањето за Белград.
Овие две екипи својот прв дуел го одиграа при крајот на октомври минатата година, кога во СЦ “Борис Трајковски” во Скопје, тимот на МЗТ Скопје Аеродром доживеа несреќен пораз од екипата на Партизан со поените на Теренс Кинси во последните моменти од мечот.
Пред комплетирање на колото МЗТ Скопје Аеродром е на 11.место со биланс 7-10 (победи-порази), додека Партизан е трет со ефект 13-4.
Почетокот на натпреварот во Белград е во 20 часот и 30 минути.
]]>


