Антиќ дел од Ол-стар викендот

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Перо Антиќ ќе учествува на Ол-стар викендот што од 14 до 16 февруари ќе се одржи во Њу Орлеанс, објави клубот на Антиќ Атланта Хоукс.

Првиот Македонец кој заиграл во НБА лигата, ќе биде и првиот што ќе ја претставува нашата земја на манифестацијата која ги собире најголемите кошаркарски ѕвезди на едно место.

Антиќ ќе настапи на натпреварот „Ѕвезди во подем“ на кој играат најдобрите „тазе“ НБА кошаркари. Овие играчи преку гласање ги избираат помошниците на главните тренери на екипите.

Во моментов македонскиот кошаркар се рехабилитира од повредата на стапалото, но се очекува тој да биде подготвен за големиот настан.

– Горд сум што ќе ги претставувам градот Атланта и мојата татковина Македонија во Њу Орлеанс, е изјавата на Антиќ на социјалната мрежа Твитер.

Според најавите од НБА лигата, тренер на екипата за која ќе настапи Антиќ ќе биде Чарлс Баркли или Шекил О’Нил.

]]>

Најчитани вести