ФИБА ги подели „вајлд картите“ за Светското првенство

Светската кошаркарска федерација ФИБА на денешната седница на Централниот борд ги подели „вајлд картите“ за претстојното Светското првенство кое годинава ќе се одржи во Шпанија. Четирите специјални покани ги добија: Турција, Грција, Бразил и Финска.

На почетокот за „вајлд картите“ се пријавија вкупно 15 национални федерации, но некои како Германија и Италија се откажаа. Во конкуренција покрај четирите кои ги добија „поканите“ беа уште: Босна и Херцеговина, Канада, Кина, Израел, Нигерија, Полска, Катар, Русија и Венецуела.

Извлекувањето на групите за СП е закажано за понеделник во Барселона, а шампионатот ќе се одржи од 30 август до 14 септември. Групната фаза ќе се игра во четири града: Севиља, Билбао, Гранада и Гран Канарија, а завршницата во Барселона и во Мадрид.

На Мундобаскетот ќе играат 24 репрезентации: Ангола, Аргентина, Австралија, Бразил, Хрватска, Доминиканска Република, Египет, Финска, Франција, Грција, Иран, Јужна Кореја, Литванија, Мексико, Нов Зеланд, Филипини, Порторико, Сенегал, Србија, Словенија, Шпанија, Турција, Украина и САД.

]]>

Најчитани вести