Спектаклот наречен Супербоул, односно финалето на американската фудбалска лига одржан во Њујорк-Њу Џерси, вчера заврши со убедлива победа на Сиетл Суперхокс, кои со 43:8 го победија Денвер Бронкос.
Натпреварот помина со целосна доминација на тимот од Сиетл, кои успеаа да поентираат во првите секунди на двете полувремиња.
Малколм Смит од Сиетл беше прогласен за најдобар играч на натпреварот, во кој доминираше одбраната на неговиот тим.
Денвер, пак, е познат како тим со најдобар напад во НФЛ лигата, но нивната супер-ѕвезда Пејтон Менинг беше немоќен против одбраната на Сиетл, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
– Сите експерти кои велат дека одбраната е таа која на крајот ја носи победата, може да бидат задоволни денес, изјави тренерот на Сиетл Пит Керол, по натпреварот.
Меѓу најсреќните на стадионот во Њу Џерси беше Пол Ален, милијардерот од Мајкрософт кој во 1997 година го купи тимот кој вчера ја освои првата титула. Познатата „Вселенска Игла“ во Сиетл вечерта беше обоена со боите на омилениот градски тим, додека илјадници жители на Сиетл славеа на улиците.
Среќен момент за 48-иот Супербоул беше што се одржа во еден од ретко топлите денови во смрзнатите САД, еден ден пред предвидената нова снежна бура која е упатена кон Њујорк. Тоа им помогна на десетиците илјади гледачи, кои и три часа по натпреварот не можеа да го напуштат стадионот Метлајф во Њу Џерси.
Поради тоа што исходот на натпреварот беше познат од самиот почеток, гледачите можеа да се концентрираат на шоуте на полувремето и на врвно подготвените реклами кои се емитуваат за време на прекините на натпреварот, и за кои компаниите плаќаат милиони долари за да добијат од 20-ина секунди до две минути. Публиката во Њу Џерси ја забавуваше Бруно Марс, кој ги покани Ред Хот Чили Пеперс како засилување. Цените на телевизиските реклами за Супербоул се толку високи што осигурителната компанија Ишуранс соопшти дека не сака да се натпреварува за купување на реклами за време на натпреварот, но затоа ја откупи првата реклама по завршувањето на натпреварот. Компанијата притоа предизвика хаос на социјалната мрежа твитер, велејќи дека ќе му подари 1,5 милиони долари на еден корисник кој ќе испрати порака со нивното лого. Толку пари, соопшти Ишуранс, изнесувала нивната заштеда откако решиле да купат рекламен простор по натпреварот, место за време на натпреварот.
Меѓу најкоментираните реклами беше таа на Кока кола, која претстави десетици граѓани од разни етнички групи, додека пејачка ја изведуваше познатата песна Убавата Америка, на англиски и на низа други јазици, покажувајќи ја разновидноста на САД.
Традицијата на Крајслер да ангажира познати личности како Клинт Иствуд и Еминем да снимаат реклами со кои ќе го најават враќањето на оваа некогаш моќна автомобилска компанија од банкротираниот град Детроит продолжи и оваа година. Во рекламата на Крајслер настапи Боб Дилан, кој порача дека Германците треба да прават пиво, Швајцарците часовници, Азијците да склопуваат телефони, а Американците од Детроит се тие кои треба да прават автомобили.
Забележителни беа и рекламите на Т-Мобајл, кои го ангажираа поранешниот играч на Денвер Бронкос Тим Тебоу. Популарниот играч познат повеќе по своите христијански погледи отколку по добрата игра во моментов е без ангажман, и германската телефонска компанија го искористи за две реклами во кои се шегува на своја сметка поради тоа што нема потпишан договор, и ги повикува гледачите да ги раскинат своите договори со другите телефонски компании и да се префрлат на Т-Мобајл. Поради слабата игра на неговиот поранешен тим од Денвер, рекламите беа хит со гледачите, кои бараа Тебоу да се врати и да му помогне на тимот.
Во другите реклами, Раде Шербеџија ја играше улогата на руски мафијаш во рекламата на бомбоните М&М, Пепси го претвори градот Њујорк во огромен музички инструмент, а беше емитувана дури и реклама за контроверзната Црква на Саентологијата.
]]>


