Размената на подароци помеѓу претседателот Ѓорѓе Иванов и новинарот Бранко Героски не стивнува. Се започна откако Хорхе во тешките моменти на разочараност што не отпатува да му намигне на Путин на ЗОИ во Сочи поради расипаното владино авионче, доби ненадеен напад на духовитост, па му испрати на Геро кравата за подарок како благодарност што “Слободен печат” известуваше за набавката на прецедникот на вратоврски во вредност од 5.000 евра. Героски не му остана должен. Продаде еден од своите станови, за кои власта веќе ја извести јавноста, и на Хорхе му купи лирџет за да не зависи веќе од владата дали ќе му го даде владиниот. Авион, се разбира.
Од кабинетот на Хорхе го примија подарокот и според некои информации тој е веќе на пат за Русија, каде што ќе одржи и предавање на тема: “Македонското потекло на ски-скокачот Јане Ахонен и неговите заеднички корени со Јане Сандански”. Потоа ќе замине пред хотелот каде што е сместен рускиот претседател и трпеливо ќе чека да излезе на пенџер за Иванов да може официјално да му намигне.
Од Меѓународниот олимписки комитет се уште не соопштија дали медалите освоени до пристигнувањето на Хорхе на Игрите ќе се сметаат за важечки или само за ревијални.
ИЗВОР: Коза Ностра
Предупредување: Ова е измислена вест и не треба да се сфати сериознo.
]]>


