Одгледувани за војна

MИА Ди Зајт – Хамбург

Десетици илјади германски средношколци и студенти август 1914 година го дочекаа во целосен занес на почетокот на Првата светска војна. – Војната мора да ни донесе големина, сила, радост, пишува Ернст Јунгер во Челична бура, свој роман од 1920 година. Ни се укажува машка задача, радосна, одбранбена битка на процветаните, крвави ливади.

Десетици илјади момчиња заминаа на фронт, во рана смрт. Весниците на Птиците скитници (Wandervogel – германско младинско движење) во 1914-15 година ги прикажуваа војниците на коњ со штит. Овие одважни витези во следните неколку години гинеа од митролези, гранати и бојни отрови.

Во годишниот извештај на пруските гимназии како гимназијата Вилхелм во Штетен, можеме да прочитаме дека почетокот на војната момчињата ги погоди како огнена молња. Момците се чувствувале како учесници во борба на германскиот народ за зачувување на својата најголема светост од свет преполн со непријатели – победа и подем до статус на водечка светска сила или славна пропаст.

Сакале да докажат, но не размислувале за ништо. Тие за кајзерот, Рајхот и генералите биле само потрошна стока во 4 годишната позициона војна на западниот фронт.

Многу современици со своите слики, песни и книги ја предвиделе оваа војна одамна пред нејзиниот вистински почеток. – Стана оној што долго спиеше, во зората стои силен и мистериозен, дробејќи ја месечината во црната рака.

Ова се стихови на 24 годишниот берлински поет Георг Хејм од песната Војна од 1911 година. Слични воени визии опишува и Лудвиг Меднер во своите Апокалиптични предели од 1912 година: Пожарот на светот го најавува неговиот пропаст, небото експлодира, од земјата блуе оган голтајќи луѓе и градови.

Вилхелм Ламсзус, хамбуршки учител на дисидентски ставови уште во 1912 година многу прецизно ги опишал ужасите на војната во својата новела Човечка кланица.

Во август 1914 година момчињата конечно ја добиле нивната војна. Едвај чекале да одат на фронт. Дали подлегнале на колективно лудило?

Никако. Тие беа жртви на перфиден систем на ментална милитаризација, посебно изрзен во Прусија по доаѓањето на Вилхелм втори на власт. Дошло до политизираност на предметот за основање на личноста, како германскиот јазик и историјата, посебно во средните училишта. Инструментот на националистичката индоктринација (секако се нарекувала патриотска) бил слободниот есеј, при полагање на матурскиот испит. Темите гласеле: И војната има добри страни, За што вреди да се умре?, Правдата го возвишува народот, но гревот е негов пропаст, што го докажува историјата на Израел и Прусија (малку антисемитизам е добродојден), Животот не е највредно богатство, Смртта не поседува и го прочистува телото.

Покрај тоа, секоја година на 2 септември, на Седанскиот ден, се одржувале комеморации по повод победата над Француската војна во 1870-71 година. Воени паради, жестоки говори, нови оди на кајзер и Рајхот, биле составен дел од патриотските државни празници, па и во училиштата.

Се пееле Стража на Рајна и царската химна Те поздравуваме победнику, потоа следеле свечени говори и игри: Од славната Германија, Молитва за кајзерот и Рајхот, Германска стража на Рајна, Германскиот патриотизам пред 100 години и денес и За големиот благослов на општата војна, обврска за германскиот народ.

Меѓутоа обожувањето на оружјето не било вообичаена појава само во училниците во средните училишта. Исто се однесувало и на новооснованата област на државната грижа за младите, каде врвен приоритет бил одгледување на работничките деца за борба. Во тоа посебно се истакнувал Централниот одбор за промоција на народни и младински игри основан во Берлин во 1891 година.

Едни сметале дека се работи за вечна борба против расипаните и антидржавни социјалдемократски активности, додека други верувале дека задача на Одборот е да ја заинтересира младината за одбранбените вештини и воените игри. Било неопходно да се исправат кобните недостатоци во образованието меѓу училиштата и касарните кај работничката младина, бидејќи меѓу завршетокот на образованието на 14 годишна возраст и одењето во војска на 18 години, немало никакво државно формирање на ставови. Кон крајот на 90-тите години од 19 век се основале локални Младински одбранбени здруженија за доброволна предвојничка обука. Следи основање на баварско Одбранбено здружение, кое заедно со германскиот Сојуз на извидници ја спроведувале програмата Народна сила, низ одбрана. Сојузот на извидници во 1914 година имал 90.000 членови.

Најделотворниот социјално-психолошки инструмент во придобивањето на младите работници биле авантуристичките викенди. Тие опфаќале прошетки, игри, спортски активности, читање и разговори, но и марширање и вежби со оружје. Тоа било доживување на заедницата со тренирање на дисциплина и послушност. На тој начин имплицитно се пренесувале и политичките цели чија внатрешна прифатливост растела со интензитет на доживување на заедништво.

Во 1911 година, на предлог на војската се основал Сојуз на германската младина како највисока организација на сите младински здруженија за одбрана. Овој сојуз веќе во 1913 година опфаќал 500.000 момчиња, а тој број во 1914 пораснал на 750.000. Книгата за германската младина објавена во 1913 година, почнува со илустрацијата Германската младина го слави кајзер; потоа следат сеќавања на доброволците од војната против Франција во 1870 година, а се завршува со илустрацијата Дочек на херојот во Валхала, каде неповредени во раскошни униформи ги дочекува Фредерик Велики. Во манифестот на Законот за германската младина пишува: Германската младина и во добри и во лоши времиња, е лојална на кајзерот и рајхот. Мораме да бидеме подготвени за војна и верни на вистината. Се плашиме само од тоа, и од никој друг. Потоа следи заклучокот: И за нас еднаш ќе одѕвони голем час на борба… Нечујно и длабоко во германските срца мора да живее радоста на војната и копнежот по војна, бидејќи имаме многу непријатели, а победата ќе дојде на тој народ кој во војна оди со песна.

Она што од август 1914 година се случувало на овие момчиња, од страна на државата било инструирано и организирано масовно убиство.

Меѓутоа, дури и критичките умови тешко се откажувале од менталната мобилизација. Кога во октомври во 1913 година во Лајпциг била одржана комеморација по повод 100 годишнината на ослободителните војни против Наполеон, Птиците скитници и Слободарските германски студенти се собрале на контрамитинг на висорамнината Мајснер кај Кесел. Но и меѓу нив владеел духот на милитаризмот, дури и ако го гледале како старомодно патриотско верување. Тоа најдобро се гледа од тоа што и кај нив воените игри биле многу популарни. Затоа не треба да не чуди што гимназијалците од Птиците скитници и Слободарските германски студенти, во август 1914 година, масовно заминале во касарните, први да стигнат на фронтот.

Денес, во анализите за почетокот на Првата светска војна многу се зборува за месечарите. Тој впечаток можеби можат да го стекнат историчари кои не излегуваат од своите кабинети или свечени сали. Но, ако погледнеме повнимателно, во самата општествена структура, училиштата, универзитетите, ќе стекнеме целосно поинаква слика. Наместо месечари, ќе видиме воени заговорници. Во Прусија исто така долго време се работело на ментална подготовка за војна, која потоа, во август 1914 година можела конечно да се ослободи. Целосно и беспоштедно.

Историјата за образованието на младите во 19 и раниот 20 век пружа нова перспектива на епохалната 1914 година, врз чиј основ може да се постави поинакво прашање за вината за Првата светска војна: што е со вината кај тие кои одгледувале други за омраза и војна?

Германија е земја која верува во образованието и не смееме да ја потцениме нивната сила. Смртта на Ипр и Верден, во која се испратени стотици илјади млади луѓе, не донесе прочистување на телото, туку беше ужасна смрт, која роди нов ужас преточен во европско самоуништување.

Улрих Херман е професор по општа и училишна педагогија и историја при Универзитетот во Тубинген.

]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести