Според податоците од Програмата за Финансиска поддршка на земјоделството 2015 година објавена во “Службен весник“, најголем дел од субвенциите или 50,6 милиони евра се наменети за растителното производство, 34,1 милиони евра се предвидени за субвенционирање на сточарството. Од дополнителната поддршка за развој на земјоделството, над 326.000 евра изнесуваат субвенциите за премии и осигурување, помошта за заштита на земјоделско земјиште годинава ќе изнесува 32.000 евра. Помошта за одделни категории носители на земјоделски стопанства 2,45 милиони евра, додека директната финансиска поддршка за помош во сточарскиот сектор 163.00 евра. За материјални трошоци за спроведување на програмата се одвоени 245.000 евра.
Со Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2015 година, се предвидени 13.8 милиони евра за исплата на субвенции од претходните години. Критериумите за добивање субвенции остануваат исти како и минатата година, односно висината на поддршката се намалува со зголемување на пријавените површини или грла добиток.
Според Програмата, дополнителната од 5% ќе добијат регистрираните земјоделци кои имаат земјоделско стопанство, 10% поголеми субвенции ќе добијат младите фармери и дополнителна помош од 20% ќе добијат носители на семејно-земјоделско стопанство кој е регистриран вршител на земјоделска дејност или е регистриран како индивидуален земјоделец.
Вкупно 33.253.658 евра годинава се обезбедени за поддршката за руралниот развој. Парите се поделени во две категории. За првата категорија се предвидени 31.400.000 евра и овие средства се наменети за субвенции за обука и информирање на земјоделците, помош за млади земјоделци, инвестиции за модернизација на земјоделското производство, маркетинг, инфраструктура, органско производство, подобрување на квалитетот на животот во руралните средини и друго. Од оваа категорија најмногу пари или 9.261.728 се планирани за инвестиции во инфраструктура за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството, над 5 милиони евра се наменети за субвенции за инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства, над 4,4 милиони евра се планирани за субвенции за зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја, а за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини се предвидени нешто повеќе од 4,5 милиони евра. Дел од парите се наманети за подмирување на неисплатените субвенции од претходните години.
За мерките од оваа категорија можат да конкурираат земјоделците, агробизнисмените, а за дел и јавните институции.
Парите од мерката за Инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства, се распределуваат како неповратна финансиска поддршка за инвестиции набавка на добиток 243.902 евра, набавка на пчелни матици 8.130 евра, подигање на лозови и овошни насади и медоносна флора 317.073 евра, набавка на опрема за систем “капка по капка# за пченка, сончоглед, фуражни култури и бунари за наводнување 243.902 евра, набавка на земјоделска опрема и механизација за житни и индустриски култури 180.154 евра.
Нешто повеќе од 713 илјади евра годинава се предвидени за субвенции за земјоделските задруги. Средствата од мерката за Подобрување на квалитетот на живот во руралните средини се доделуваат како неповратна финансиска поддршка за инвестиции во локалната патна инфраструктура за поврзување на две села или село со град, инвестиции во канализациони системи, инвестиции во објекти и опрема за за организирање на продажба жив добиток во рурални средини. За мерките од втората категорија од Програмата за рурален развој се предвидени субвенции во висина од 1.853.658. Парите се наманети за техничка поддршка во земјоделството и руралниот развој, организирање и спроведување на манифестации и саеми, помош за маркетинг на земјоделските производи, изработка и публикување на едукативни, информативни и стручни материјали, инвестициони вложувања за воспоставување на научно-демонстративни примери, трошоци за изработка на геодетски елаборати и друго.


