Временските услови се уште не им се наклонети на земјоделците и не им дозволуваат да ги почнат пролетните активности. Последните дождови најверојатно ќе ја одложат и оваа сеидбена сезона.
Неделава се најавува стабилно и суво време со негативни утрински температури, а дневните ќе бидат во благ пораст. Според УХМР ќе дува и умерен ветер од северен правец.
Во земјоделството новите врнежи повторно ќе ја влошат состојбата со влагата во почвата, со што ќе се одложи подготовката за пролетната сеидба која вообичаено почнува во средината на март.
Наместо овој период, пролетната сеидба ќе задоцни и најверојатно ќе почне за околу еден месец. Агрометеролозите велат дека новите дождови не дозволија да се исуши земјата од претходните дождови, поради што земјоделците ќе мора да ја пролонгираат пролетната сеидба бидејќи не можат да влезат во нивите. Најкритична е состојбата со житата во најголемата житница, Пелагонија. Повеќе од извесно е дека од поплавите ниви нема да има ниту зрно пченица.
Краткотрајното заладување ќе биде добредојдено за успорување на вегетацијата кај овошките, а ниските утрински температури нема да имаат негативно влијание.


